Ендрју Корибко, политички аналитичар, новинар и колумнист на повеќе портали, како и член на Совет на експерти на Институт за стратешки студии и предвидувања од Москва, за тинк-тенкот за глобална политика и анализи „Јурејжа фјучр“ го толкува признавањето на „Северна Македонија“ од Русија, кое го пренесуваме во целост.

„Признавањето од Русија на ‘Северна Македонија’ разочара многу активисти во она што Москва инаку би продолжила да го смета за Република Македонија според нејзиното уставно легитимно име, но овој чисто политички потег не требаше да биде неочекуван во ретроспектива, бидејќи тоа е во корелација со шпекулациите дека Москва планира да преземе водство во обликувањето на ‘Нов Балкан’.

Изненадување … или не?

Русија изненади многу набљудувачи на Балканот кога ја призна ‘Северна Македонија’ и покрај своето претходно принципиелно противење на очигледното незаконско игнорирање од постшаренореволуционерната влада на недвосмисленото одбивање од населението да го поддржи овој чекор за време на минатогодишниот референдум. Многу активисти во она што Москва инаку би продолжила да го смета за Република Македонија според нејзиното уставно легитимно име се крајно разочарани од овој чисто политички потег и се мачат да разберат зошто се случи тоа, но причината всушност не е толку неочекувана ако се погледне наназад. Треба да се признае дека, иако имаше многу моќни меки сили по заслуга на Москва што продолжија да инспирираат (клучен збор) протести одбивајќи да го признаат т.н. ‘компромисно име’ што Заев се согласи да му го наметне на својот народ за јасната цел да се забрза влезот на земјата во ЕУ и во НАТО, модерната Руска Федерација не е под влијание на идеолошки мотиви како својот советски претходник, туку е студено прагматична во остварувањето на сопствените интереси.

„Балансирање“ меѓу „новиот светски поредок“ и „надоаѓачкиот мултиполарен“

За разлика од начинот на кој често го портретираат медиумите (особено преку лажни деконтекстуализирани цитати што се шират за култот ‘Путин’), претседателот Путин, всушност, не е толку антизападен колку што многумина од неговите меѓународни поддржувачи се поттикнати да веруваат. Тој е несомнено лидер пофокусиран на суверенитетот од неговиот претходник и многу посилен во тоа, но наместо ‘непријател’ на ‘новиот светски поредок’, под каков што погрешен впечаток за него се многу луѓе, претседателот Путин ја презеде улогата на ‘балансирач’ меѓу него (новиот светски поредок – н.з.) и новиот мултиполарен светски поредок, со цел да ѝ овозможи на Русија решително да влијае врз рамнотежата на моќта меѓу суперсилите САД и Кина на начин што подразбира менување на играта во насока на остварување на интересите на својата земја во дадено време. Оваа флексибилна голема стратегија објаснува зошто Русија самостојно го унапредува создавањето алтернативни мултиполарни глобални институции, како што е Развојната банка на БРИКС, паралелно со барањето ‘нов детант’ со Запад, со цел да добие олеснување на санкциите.

Кооптирање и насочување ‘неизбежни резултати’

Прифаќајќи ја оваа стратешка заднина и покрај тагата што може да ја предизвика во срцата на добронамерните луѓенив целиот свет кои ги положија сите свои надежи во претседателот Путин како ‘херој’, за кого погрешно мислеа дека ќе ги вложи сите свои напори во бескрајна борба против ‘новиот светски поредок’, многу полесно е да се разбере признавањето на ‘Северна Македонија’ од Русија и поголемата мотивација зад овој потег. Нема сомневање дека ‘договорот за името на Македонија се заканува да го избрише европскиот идентитет’ и оти ‘Македонија оди кон тоа да стане првата политички коректна полициска држава во светот’ поради тоа, но реално нема нешто што Русија може да го стори за да спречи тоа да се случи. Всушност, кога се соочува со навидум ‘неизбежни резултати’, како што е ‘израелскиот’ ‘план Јинон’, Русија, во суштина, има историја на сопствено вклучување во овие процеси до одреден степен или на друг, обидувајќи се да ги води настаните во насока на своите интереси, кои често – но не секогаш – се преклопуваат со повеќето партнери.

„Новиот Балкан“

За конкретниов случај, авторот извести за три значајни дела за креирање политики од страна на високовлијателниот Руски совет за меѓународни односи (РИАЦ) претходно оваа година, за да заклучи дека ‘Русија може да се врати на Балканот во голем (но контроверзен) стил’, имено со олеснување на контроверзниот план на Тимоти Лес за поделба на Балканот по етнорелигиски линии преку низа ‘мирни’ и ‘демократски’ процеси, наместо насилните што се случија при создавањето на т.н. ‘Нов Блиски Исток’. Овој ‘Нов Балкан’ можеби не е идеалната иднина што повеќето нејзини жители ја посакуваа, но тој би можел да претставува најдобро ‘компромисно решение’ меѓу многуте натпреварувачки визии од сите страни и можна превенција од избувнување непријателства што можат ужасно да го реплицираат ‘Новиот Блиски Исток’ во случај на најлошо сценарио. Или во најмала рака изгледа како Русија премолчено да го рационализира сопственото признавање на ‘Северна Македонија’, како и можна поддршка за шпекулираниот претстоен ‘компромис’ на Вучиќ за Косово.

Заклучни мисли

Нема сомневање дека одлуката на Русија да ја признае ‘Северна Македонија’ разочара многумина во земјата и пошироко, но тоа е во голема мера поради тоа што тие имаат погрешен поглед на претседателот Путин и во него го гледаат само тоа што го сакаат, најчесто ‘витез во блескав оклоп’ кој ‘го посветил својот живот’ на ‘спротивставување’ на ‘новиот светски поредок’. Професорот Дугин беше далеку пред своето време во пишувањето за либерално-конзервативната двојност на претседателот Путин во својата книга ‘Путин против Путин: Владимир Путин гледано од десно’, која во ретроспектива е потврдена со видливиот пристап на Русија кон Балканот и нејзината очигледна одлука за ‘кооптирање’ на американските стратешки дизајни таму со цел да го ‘насочи’ овој навидум ‘неизбежен исход’ во правец на сопствените интереси. Отстранувањето на Македонија од мапата (со поддршката за промена на името во ‘Северна Македонија’) и евентуалното признавање на Косово се двата катализатора за изградбата на ‘Нов Балкан’, но само времето ќе покаже дали Русија направи вистинска работа“, пишува Корибко.