Американската конгресменка Клаудија Тени за Гласот на Америка на македонски јазик најави можност за воведување санкции против Бугарија поради нејзиното вето за почетокот на преговори на Македонија за членство во Европската унија и за односот кон македонското малцинство.

„Не сум сигурна дали санкциите во моментов се соодветни како опција, но би можеле да бидат. Тоа е нешто многу ефективно, посебно ако тие продолжуваат да создаваат пречки и ако се однесуваат негативно кон Северна Македонија и Албанија“, изјави конгресменката од Републиканската партија, додавајќи дека бугарската влада треба да ги третира со почит сите малцинства, вклучувајќи го и македонското.

Пред два месеца Тени и уште 12 конгресмени му испратија писмо на бугарскиот амбасадор во САД, Тихомир Стојчев, со повик да бидат надминати пречките за членството на Македонија во ЕУ.