„На 19 декември се одбележаа 101 година од раѓањето на македонскиот великан Блаже Конески. Тој во историската меморија на македонскиот народ останува запаметен како еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик и една од најзначајните личности во македонската книжевност. Конески го продолжува делото на македонските великани Петар Поп Арсов и Крсте П. Мисирков.“ – се вели во статијата со наслов „ По повод 101 година од раѓањето на македонскиот великан“, која ја објави весникот „Нова Македонија“

Идеолошка борба со великобугарските експоненти

Покрај другото, во статијата пишува: Во септември 1944 година Блаже Конески се вратил во Прилеп и се приклучил на антифашистичката борба на македонскиот народ за ослободување и создавање сопствена држава. Тој започнал со идеолошко обезличување на т.н. Група Чкатров-Ѓузелов, која се состоела од македонски интелектуалци приврзаници на Ванчо Михајлов и соработници на бугарската окупаторска власт во Македонија. Групацијата го прифаќала бугарскиот карактер на македонскиот народ, но иднината на Македонија ја гледала во прогласувањето автономна или независна македонска држава под протекторат на Третиот рајх.

Според оваа групација, македонската држава требало да има бугарски карактер, а нејзин службен јазик требало да биде бугарскиот литературен јазик. Истакнати членови на групата биле Димитар Чкатров, Спиро Китанчев, Димитар Ѓузелов и др. Конески прв го започнал идеолошкото обезличување на Димитар Ѓузелов и неговите негирања на македонските национални особености. Конески објавил неколку текста, вклучувајќи и во списанието „Остен“, во кои ги претставил великобугарските ставови и погледи на Ѓузелов и на Димитар и Јордан Чкатрови.

Уште пред формирањето на современата македонска држава презел активности кон стандардизирање на македонскиот јазик. По Првото заседание на АСНОМ, оваа негова дејност и определба уште повеќе се засилиле. Во тој контекст е и неговата статија објавена во „Македонска мисла“ во 1946 година, во која, меѓу другото истакнал: „Македонскиот литературен јазик е основното и најмоќно средство за израз на нашата национална мисла“.