Александар Ботсан-Карченко, вонреден и ополномоштен амбасадор на Русија во Белград изјавил дека Русија работи на отварање на воена база во Србија, објавува рускиот медиум поддржувач на Путин Правда.ру.
Информација е пренесена од SM News.
,,Распоредувањето на базите на руската армија во Србија е суверена работа на земјата. Покрај тоа, ова е прашање и на Русија”, изјавил Ботсан Карченко.
„Што се однесува до заедничкиот хуманитарен центар, тој постои и работи за одговор на кризи во случај на хуманитарна катастрофа“, изјавил претставникот на Русија.
Ботсан-Карченко, исто така, изјавил дека Србија е пријателска земја за Русија, бидејќи Белград силно се противи на антируските санкции. Тој истовремено укажал и на политичкиот аспект во испораките на природен гас од Русија за Србија по поволна цена.
,,Русија ја обезбедува енергетската стабилност на Србија”, нагласил рускиот дипломат според кого Русија и Србија ја продолжуваат воената и техничката соработка.
Претходно српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин изјави дека Србија нема да влезе во конфликт со Русија. Србија нема да биде дел од „пешадијата на НАТО“, рече тој. Тој ги советуваше неговите западни колеги да и се извинат на Србија за непријателствата.
Доколку навистина Русија, покрај центарот за хумантарни операции кај Ниш, отвори и воена база тоа ќе биде сигнал за драматично кревање на тензиите и ескалација на конфликтот кој ионака постои меѓу Србија и Косово.
Во Косово веќе има база на НАТО Бондстил која е под контрола на САД.
Засега информациите за можна изградба на руска воена база во Србија не ги објавуваат водечките светски медиуми.