Навивачката група „Комити“, која со своите факели го осветли небото пред македонското Собрание пред четири дена, повика на нов протест против договорот Заев-Ципрас вечерва од 20 часот пред зградата на Парламентот.
„Ќе повториме дека ние, иако не зeмаме пари за одбрана на татковината како полицијата и војската, како граѓани, должни сме да излеземе и да си го браниме ова наше парче земја. Ги повикуваме повторно сите навивачки групи и сите слободоумни патриоти да дојдат, да се сплотиме како едно. Ако не сте во можност за да дојдете во Скопје, организирајте се локално.
Последен пат ве повикуваме на мирен протест, а за наредниот период нека се мислат. Нас апсења и притисоци не нè плашат. Порака до тие што се закануваат: ние не сме ни ‘режимот’ , а ни ‘шарената револуција’, ние сме ‘Комити’ и ќе ве најдеме, а останатото сте го читале во учебниците по историја. Запомнете, борбата е да им го смениме менталитетот на нашите политичари, да научат да ги ценат и бранат интересите на македонскиот народ, а не да ги распродаваат. Никој не е појак од народот кога е сплотен.
Затоа, ве замолуваме, раширете го идеалот за слобода, соберете ги вашите најблиски и без страв излезете на улица, ве повикува вашата мајка Македонија!
Да живее Македонија!!!“, стои во прогласот на навивачите на Вардар.