Норвешкиот првак Колстад се покажа преголем залак за Еурофарм Пелистер на стартот од Лигата на шампионите во Битола, каде што гостите славеа со 31:22.
Најголемиот „виновник“ за тоа е голманот Бергеруд, кој запиша дури 21 успешна интервенција, од кои 12 во првото полувреме, во кое Колстад тргна со водство од 7:1, по што цели 12 минути им беа потребни на домашните ракометари за да го пронајдат патот до противничката мрежа.
Разликата од шест гола се задржа до крајот на полувремето, како и пред последните десетина минути од мечот, кога беше 25:19, по што Норвежаните уште еднаш притиснаа и заминуваат дома со убедлив триумф од салата „Боро Чурлевски“ исполнета до последното место.
Левото крило на Колстад, Олборг, беше најефикасен играч на средбата со 9 гола, еден повеќе од десното крило Гудјонсон, а кај македонскиот шампион се издвои десното крило Радивоевиќ со 6 погодоци.
Во следното коло на 20 септември Еурофарм Пелистер ќе гостува во Данска кај Олборг, кој на отворањето на сезоната во ЛШ славеше со 34:31 против Кјељце во Полска.