Катерина Колозова, извршна директорка на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, за бугарска телевизија го повтори тоа што за Гоце Делчев го изјавија и претседателот Стево Пендаровски, и првиот министер за надворешни работи на независна Македонија, Денко Малески.

„Има една точка за која што можеме и мораме да се согласиме дека е точна: на пример, не е спорно дека Делчев се декларирал како Бугарин. Тоа не е спорно. Фактите го говорат тоа. Документите го говорат тоа“, рече Колозова во емисијата „Слободна зона со Георги Коритаров“ на ТВ Европа.

„Интерпретацијата почнува од точката на поставување прашања што значи тоа за нашата историја, а што за бугарската. И дали идентитетската определба на Гоце Делчев има ефект или не врз создавањето на идејата за автономна македонска нација. Тука веќе почнува дискусијата и тука веќе има интерпретација“, додаде таа.

„Можеме да направиме паралела со Карло Велики. Франција и Германија долго дискутираа, со децении, дали тој е германски или француски. Карло Велики е Германец очигледно, но од друга страна е основоположник на француската државност. Така што, тоа е точката околу која можеме недвосмислено да се согласиме, но од тој миг натаму почнува и интерпретацијата“, објасни професорката и
политички филозоф.

„Конечно, колку е важно некој да биде етнички за да биде основоположник на идеја за некаква нација. Може да биде нешто сосема друго. Може да биде Влав и да биде основоположник на македонската нација“, заклучува Колозова.