Секој инвеститор и работодавец треба да знае дека за новиот почеток на работа по отпуштање на работниците нема веќе лесно да најде квалификувани работници, предупредуваат познавачите.

Засега сѐ се одвива под плаштот на принудни одмори и намалена плата на 70 отсто. Утре „паѓа“ ФЕНИ. Но, веќе се најавува бран затворања на други капацитети и отпуштања на работници и во други компании, ако кризата трае подолго.

Компаниите велат дека се ставени пред дилемата како да ги задржат работниците во услови кога не знаат колку ќе трае енергетската криза, поради која мораат да го запрат производството. Тие се свесни дека земјава веќе нема квалификувани работници и секое ново одлевање работна сила во странство значи проблем за рестартирање на производството.

Познавачи на состојбите велат дека ова по периодот кога компаниите имаат законска обврска да ги задржат работниците со намалени плати, неминовно треба да се очекуваат откази. Синдикатите, пак, се решени овој пат да се борат и по секоја цена работниците да останат на работа, за да можат да ја преживеат кризата.

Владата најавува помош, но не ветува многу

Владата најави помош за компаниите, но не ветува многу. Министерот за економија Крешник Бектеши деновиве беше јасен кога кажа дека банки, казина и рудници нема да добијат никаква поддршка од владата поради енергетската криза.

Први кои поради високите сметки за струја го стопираа производството се компаниите кои вработуваат голем број работници, но и трошат најмногу струја во процесот на производство. Тие компании сѐ уште официјално не зборуваат за прекин на производството, туку се вадат на „планирани ремонти“ и други инвестиции, но во соопштенијата за јавноста неизбежно го споменуваат прашањето на надминување на диспаритетот на цената на електричната енергија и цената на нивните производи. Менаџментот и синдикалците во ФЕНИ заедно и во „небрано лозје“

ФЕНИ пред два месеца соопшти дека влегува во „плански ремонт“ во периодот што следува, со цел да се надмине временската рамка на диспаритет меѓу цената на електрична енергија и на никелот, која е огромна, бидејќи цената на никелот е во надолна линија. Притоа компанијата „Еуроникел“ соопшти дека вработени се вратени на работа.

И работниците не сакаат многу да говорат за состојбата во компанијата. Тие велат дека моментално се на принуден одмор и ќе останат така до крајот на годината.

– Најголемиот дел од работниците се на принуден одмор, дел од нив одат на работа за да ги одржуваат печките во производна готовност. Речено ни е дека вака ќе биде до крајот на годината, но не знаеме дали компанијата ќе може да издржи да ни ги дава и тие 70 отсто плата – вели работник од „Еуроникел“.

Но, денеска од менаџментот на компанијата потврдија дека ФЕНИ утре се гаси, а со тоа се гасат надежите на работниците дека ќе останат работа. Од Миле Ѓорѓиев, претседател на Синдикалната организација во „Еуроникел“, добивме информација дека на состанок со менаџментот се информирани дека е донесена одлука за исклучување на печката.

– После три месеци одржување во топла состојба и завршени бројни ремонтни активности, во недостиг на решение односно електрична енергија по цена која би овозможила продолжување на работните активности, донесена е одлука за целосно запирање на печката. Ваквата одлука е планска и со цел да се спречи натамошно одлевање на милиони евра, кои ќе бидат пренаменети во енергетски проекти кои имаат за цел во најкраток рок да го решат снабдувањето со електрична енергија. Во меѓувреме, најголем дел од работниците и понатаму остануваат на принуден одмор, а дел остануваат, ангажирани на споменатите проекти, при што се применува принципот на ротација на вработените – објаснува Ѓорѓиев.

Тој додава дека се во постојана комуникација со менаџментот на компанијата.

– Се информираме за сите сегашни и идни чекори и ја даваме целата наша поддршка за надминување на состојбите, со цел да се зачуваат работните места на сите вработени. Будно ги следиме и активностите на институциите, жалиме што до денес сѐ уште нема решение за големите потрошувачи на електрична енергија, кои воедно се и најголеми работодавачи, со најголем придонес во домашната економија. Апелираме што побрзо да се излезе со соодветна поддршка, со цел да бидат заштитени работниците и да им се обезбеди соодветен социјален статус – вели тој.

Од умерени соопштенија за јавноста не се живее

Рудниците „Бучим“ и „Боров дол“ со огласија со слично соопштение во кое кажаа дека го прекинуваат производството од 1 септември. Се наведува дека ќе ги завршат инвестициите во фотонапонска централа и ремонтот на машините.

„Оваа година е година на голем предизвик во работата на целата индустрија и економија во меѓународни рамки. Уште од почетокот на енергетската криза и порастот на цените, она што се исправи како најголем предизвик пред компаниите е издржаниот опстанок на пазарот. Поради новата ситуација, погодени од енормниот пораст на цената на електричната енергија, голем дел од компаниите во индустријата го стопираат производството поради нерентабилност и нестабилност. Но и во вакви моменти, рудниците Бучим и Боров Дол сепак ќе продолжат со веќе отпочнатиот инвестициски циклус, што значително ќе придонесе во подобрувањето на перформансите на компанијата“, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на компанијата.

И во овој случај вработените се испратени на принуден одмор во траење од 3 месеци, а нивниот ангажман во реализација на инвестициите ќе биде реализиран според одреден план. Во овие три големи компании се проценува дека работат околу 1400 работници чија судбина е неизвесна, а неизвесна е судбината и на голем број други компании кои исто така финансиски не можат да ја издржат високата цена на струјата. Сите очекуваат помош од владата, но не негираат дека е можно да делат откази.

Некои фирми од металската индустрија пак не се осмелуваат да го запрат производството, како што велат, зашто потоа нема да можат да најдат работници.

Дали се отказите најпаметното решение?

Стопанската комора веќе подолг период алармира дека цената на струјата им се заканува на голем број компании кои вработуваат голем број работници. Комората предложи мерки кои треба да ги преземе Владата за да се ублажи кризата, но што ќе се случува засега никој не знае, бидејќи од Владата засега стасуваат само најави дека ќе обезбеди поевтина струја и за компаниите кои се снабдуваат на отворениот пазар.

Поранешниот претседател на Македонската асоцијација на рударство, Николајчо Николов, вели дека состојбата во голем број компании во земјава е алармантна, токму поради високите цени на струјата. Дел од нив се принудени да го запрат производството, бидејќи работењето е неисплатливо поради ниската цена на нивните производи, но поголем дел од компаниите мораат да стават клуч на врата поради високата цена на струјата, која и натаму ќе расте.

Николов смета дека моментално е рано да се каже дали и колку работници ќе останат без работа поради енергетската криза, но вели дека по принудните одмори, кои се законска обврска, можно е да се очекуваат и откази.

– Компаниите се обидуваат да издржат, но кога ќе дојде периодот на економска неиздржливост и нарушен опстанок, инвеститорите се одлучуваат на целосен прекин на работата и отпуштање на работниците. Кога сопственикот ќе реши дека веќе економски не може да издржи да продолжи да работи и да ги задржи работниците, тој ги избира најпотребните, а на другите им дава отказ. Овде е оправдана дилемата дали сопствениците на овие фирми треба да ја реинвестираат добивката во работниците во оваа криза, бидејќи исплатата на 70 отсто од платата на одреден период е трошок. Трошок е и исплатената плата на работниците кои остануваат на работа, иако не се реализира процес на производство – објаснува тој.

Еднаш изгубен работник тешко се заменува со друг

Николов, меѓутоа, потсетува дека сега веќе и инвеститорите треба да имаат на ум дека работници нема во земјава и дека еднаш изгубен работник, тешко се пронаоѓа.

– Секој инвеститор и работодавец треба да знае дека новиот почеток на работа по отпуштање на работниците нема веќе да најде квалификувани работници. Да го земеме примерот на рударите. Рудар не се прави лесно, потребни се години за да се создаде добар кадар. Според тоа, секој во земјава треба да знае дека еднаш изгубен работник веќе не се враќа. Ние во изминатиот период не стравувавме за работна рака. Така работниците заминуваа од земјава гневни на работодавците, на пошироката задница и на државата. Такви гневни раскинувања веќе не може да се толерираат и работниците треба да го имаат заслуженото место зашто земјава веќе нема работници. Тие си заминаа во странство. За нив три месеци принудно седење дома значи дека нема да имаат цела плата. Имаат луѓето свои трошоци, кредити, обврски. Бараат чаре и заминуваат – вели тој.

Синдикатите, како што велат, се решени да се изборат работниците во што поголем број компании да останат на работа и да го преживеат овој кризен период на плата. Дали ќе успеат?