Филмски и музички студија ќе се градат во околината на Скопје. Интернационалниот универзитет „Еуропа прима“ и компанијата што ќе го гради технолошкиот парк со најсовремена технологија, стануваат дел од проектот на актерот, продуцент и режисер Џон Малкович. Двете страни потпишаа меморандум за соработка. Аудиовизуелните и сценски уметности низ призмата на современите дигитални технологии кои се изучуваат на универзитетот, ќе добијат меѓународна афирмација преку партнерства со светски реномирани универзитети, во рамките на едукативниот центар.

Изградбата на технолошкиот парк треба да креира вработување на повеќе од 800 луѓе, кои сега како и во минатите години биле принудени да ги бараат своите ангажмани во Европа и пошироко.

Стартот на изградбата на филмскиот град ќе се реализира веднаш, откако Владата ќе му додели статус на стратешка инвестиција на долго најавуваниот проект. Инаку, по стартот на овој проект, универзитет „Еуропа прима“, ќе го прогласи Џон Малкович за почесен доктор на науки на овој универзитет и ќе организира ретроспектива на неговите филмови.