Точно една седмица од почетокот на акцијата за поддршка на фудбалскиот клуб Вардар со купување сезонски билет по цена од 1.000 денари продадени се околу 2.500 билети и со тоа собрани 2,5 милиони денари или над 40 илјади евра, дознаваме од навивачката група „Комити“.
Целта е до стартот на сезоната во почетокот на август, кога најтрофејниот македонски фудбалски колектив ќе се врати во елитата по две сезони поминати во Втората лига, да се соберат половина милион евра, што со досегашното темпо ќе биде тешко остварливо.
Сезоната на летните одмори и овдешниот менталитет да се чека до „минута до 12“ го наметнува прашањето „колку од симпатизерите на ФК Вардар се вистински ‘комити’, а колку само на збор“. За да не се најдат во втората група навивачите на „црвено-црните“ што сè уште не купиле сезонски билет имаат помалку од еден месец.
Во меѓувреме, вардарци ја прокнижија првата победа во подготвителниот период, совладувајќи го второлигашот Тетекс со 3:0, а утре од 17:30 чаасот на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари ќе ги одмерат силите со уште еден второлигаш – Арсими. Против „штофарите“ од Тетово по четиримесечна пауза поради повреда во тимот се врати капитенот Дарко Мицевски.
Сезонските билети за ФК Вардар се достапни на линкот: