Колку маските во училница му штетат на развојот на децата

Две години по почетокот на пандемијата, во центарот на вниманието е загриженоста поради можното влијание на носењето маски врз јазичниот, емоционалниот и социјалниот развој на децата.

Во Соединетите Држави во последните недели се намножија повиците за укинување на задолжителните маски во училиштата, меѓу другите и од научната заедница, во време кога нагло паѓа бројот на новите случаи на зараза.

Научните студии покажаа дека маските навистина влијаат на способноста на децата да препознаваат лица и емоции. Како и кај возрасните, маските може да ја попречат и вербалната комуникација. Но експертите се поделени околу долгорочните ефекти врз развојот на децата.

Учење јазик

Првата причина за загриженост е учењето јазик, кое се одвива во првите години од животот. Децата учат да зборуваат преку социјалните интеракции, а особено кога гледаат во устите на возрасните за да го учат изговорот.

Бидејќи овој начин сега е попречен, логично е да се претпостави дека има штетен ефект.

„Вие навистина ги гледате лицата кога учите да зборувате. Но тоа не е единствениот начин“, изјави Дајана Пол од Американското здружение за говор-јазик-слух (АСХА). Децата учат и со слушање на гласовите и следење на гестовите и движењата на очите на оние околу себе. Пол забележува дека луѓето со оштетен вид исто така добро учат да зборуваат и дека маските не се носат постојано, на пример дома.

„Барем во моментов, не постојат студии што директно би го процениле долгорочното влијание врз развојот на говорот и јазикот во ситуации кога малите деца комуницираат со возрасни лица со маски на лицата“, вели експертката.

„Но постојат студии што покажуваат дека децата можат да се приспособат на другите комуникациски индикатори и гестови кога не е видлива устата на возрасниот.“

Една студија од 2021 година покажа дека доенчињата можат да препознаат уникатни зборови преку маска, исто како што можеле и без неа. Но според друга студија спроведена во Франција, кај децата со потешкотии во учењето маските може да го попречат учењето да читаат. Генерално, истражувањата на оваа тема сè уште се ретки. Но, вели Пол, нема причина за тревога.

Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), „ограничените достапни податоци не укажуваат на јасни докази дека маските го нарушуваат емоционалниот или јазичниот развој на децата.“

Агенцијата препорачува да носат маски сите лица постари од две години, додека Светската здравствена организација за тоа ја предлага возраста од пет години.

Социјален и емоционален развој

Но, меѓу психијатрите, приказната е малку поинаква.

„Емоционалната страна е поважна“, вели Манфред Спицер, кој исто така е специјалист за когнитивна невронаука на Универзитетот Улм во Германија. Тој забележува дека првото нешто што се губи со маската е насмевката.

„Во образовната околина има многу имплицитни повратни информации меѓу наставникот и детето“, вели тој за АПФ. „Ако ја нарушите оваа постојана комуникација, сигурно ќе го попречите успешното предавање“.

Стравовите се однесуваат и на способноста за создавање социјални врски. Многу студии покажаа дека маските го отежнуваат препознавањето на лицата и емоциите, вклучително, или дури и повеќе, кај најмладите.

Но заклучоците за последиците се различни.

Една студијата на деца на возраст од седум до 13 години, објавена во списанието ПЛОС уан, потврди дека емоциите (страв, тага, лутина) се помалку препознатливи кога личноста носи маска, но со слични резултати во споредба со носењето очила за сонце.

Било заклучено дека маските веројатно нема драматично да ги нарушат социјалните интеракции на децата во нивниот секојдневен живот.

Сепак, друг труд, објавен во списанието Границите во психологијата, покажа дека препознавањето на емоциите на луѓето со маски на лице значително се намалило на возраст од три до пет години, резултати што „сугерираат дека живееме во време што потенцијално може да влијае на развојот на социјалното и емоционалното расудување“, велат авторите.

Керол Видал, психијатарка на Универзитетот Џонс Хопкинс, рече дека на општествено ниво е загрижена, иако родителите не треба да паничат. Видал е дел од групата лекари и научници што повикуваат на укинување на задолжителните маски во училиште, каде што и онака веќе е тешко да се одржи строгата употреба на маските.

„Едноставно не мислам дека тие се потребни во овој момент на пандемијата, знаејќи го она што го знаеме за ризиците за децата во однос на ковид, и знаејќи дека сите имаме пристап до вакцини и дека ако сме загрижени за нашето здравје, можеме да носиме Н95-ки (висококвалитетни маски)“, рече таа за АФП.

Сѐ се сведува на балансирање на ризиците и придобивките, истакнува таа. Недостатоците на маските „можеби не се толку драматични, во смисла дека ефектите може да не се појават веднаш, но мислам дека треба да бидеме внимателни“, рече Видал.