Колку ќе плаќа концесионерот на „Чебрен“ за користење на водата?!

Грчката фирма ППЦ – Архиродон, која со одлука на Владата е избрана за иден доминантен стопанственик на хидросистемот „Чебрен“, за добиената концесијата за користење на водата на Црна Река ќе плаќа само еден отсто годишно од продадената електрична енергија, при што во овој приход нема да се сметаат трошоците за струја за работењето на пумпите. објави Фактор.

Годишниот надоместок за концесија за вода утврден согласно Одлуката за утврдување на начинот на определувањето на висината на еднократниот и годишниот надоместок за концесија за користење на вода, изнесува 1 отсто од остварената просечна цена на произведената електрична енергија за секој произведен киловат час, намалена за потрошената електрична енергија во пумпен режим на работа, во секоја година на користење“, пишува во одлуката на Владата за избор на најповолна понуда за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна Река, објавена во Службен весник.

Грубо пресметано, концесијата што ќе ја плаќа ППЦ-Архиродон како доминантен сопственик во акционерското друштво кое во иднина ќе стопанисува со хидроцентралата заедно со АД ЕСМ, надоместокот годишно по денешни пазарни услови, би изнесувал само околу еден милион евра за државниот буџет и локалните власти.

Веќе е познато дека електричната енергија произведена од „Чебрен“ ќе се продава на слободниот пазар. Според претходна пресметка на експертите, од овој систем годишно би се продавале 1.200.000 мегаватчасови електрична енергија. Доколку се претпостави дека струјата ќе се продава по 100 евра од мегаватчас, тоа значи дека концесионерот годишно би плаќал 1,2 милиони евра и тоа ако тука не се смета трошокот за електрична енергија за пумпите што ќе ја враќаат назад водата заради балансирање. Повеќе на Фактор.мк.