И покрај субвенцијата вредна 1,5 милиони евра добиена од Владата, а наменета за справување со последиците од корона кризата државната пошта минатата година ја заврши со загуба од безмалку 3 милиони евра. Има ли дно бунарот на државната пошта?
Уште една година во длабокот бунар на државната компанија специјализирана за поштенски услуги. Државната компанија, лани, ја зголеми загубата од своето работење за 86 отсто во споредба со претходната 2020 година, потврдува извештајот на независниот ревизор на таа компанија која лани ја водеа двајца директори односно Јани Макрадули до април, а потоа ја превзеде Васко Стефанов.
Ова друштво лани оствари приходи од продажба во вредност од 16,34 милиони евра и тоа е речиси идентичен резултат како и претходната „корона“ година. Ова значи дека корона пандемијта немала никаков негативен ефект врз работењето на друштвото особено ако се гледа од аспект на остварените приходи.
Но затоа Владата била дарежлива спрема овој хроничен загубар. Лани од народните пари собрани во централниот буџет Владата издвоила 1,5 милиони евра. Тоа е за 300.000 евра помалку од претходната година во која како последица од здравствената пандемија меѓу другите и поштата беше на листата на субвенционирани фирми.
На бруто плати за своите над 2.100 вработени поштата лани потрошила 14,6 милиони евра, а плус на ова за регрес на вработените исплатиле 342.000 евра.
За нафта и за струја потрошиле 950.000 евра при што за нафта се потрошени вкупно околу 55.000 евра што е за 100.000 евра повеќе од претходната година. Меѓу позначајните расходни ставки се и одржувањето на опремата за што се издвоени 650.000 евра и за надзор на поштенски услуги 365.000 евра.
Кај приходите ништо ново. Најмногу пари, очекувано, инкасирале од поштенско работење и тоа од писма. Износот е 10,7 милиони евра. Од услуги на достава (списанија, сметки и.т.н) поштата добила 3,5 милиони евра. Кај останатите услуги кои не се во кор-бизнисот поштата најмногу приходувала од платниот промет што го работи за банките. Од тие услуги наплатила лани 1,6 милиони евра.
Извор: Фактор.мк