Колежот на Македонците од Загоричани во 1905 по откажувањето од Цариградската патријаршија и грчките напори да се уништи МПЦ-ОА денес

Роднокрајното здружение “Загоричани“ денес, на 30 април 2023 година ќе ја одбележи 118-годишнината од колежот во село Загоричани во Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, како една од најцрните страници во историјата на македонскиот народ. Во 11 часот во црквата “Успение на Пресвета Богородица“ ќе се одржи панихида за помен и спомен на сите заклани и масакрирани Македонци и Македонки во селото Загоричани во Егејскиот дел на Македонија на 25 март 1905 година. Во 12 часот во Македонската академија на науки и уметностите ќе биде одржана комеморативна седница, на која д-р Никола Жежов, универзитетски професор од Институтот за национална историја, ќе одржи реч.

Ѕверствата и стравотиите во македонско Загоричани се дел од континуитетот на грчкиот геноцид воопшто врз македонскиот народ, не само врз Македонците во Егејска Македонија. Тие не смеат никогаш да избледнеат во колективното паметење на македонската нација. Укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година под притисок на Цариградската грцизирана патријаршија, масакрот во Загоричани, „Преспанскиот договор“ од 2018 година и најновиот „томос за автокефалноста“, кој што би требало Цариградската патријаршија во улога како Вселенска патријаршија да ѝ го даде на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, под услов да ѝ се избрише  идентификациската одредница „Македонска“  – сето ова се елементи на повеќевековните непрестајни грчки обиди да се уништи македонскиот национален, духовен и културен идентитет, со посебна нагласка врз Македонската црква како столб и чувар на тој македонски севкупен идентитет, како духовен светилник на македонизмот.

Гркот Скарлатос Хацтерис, како цариградски патријарх Самоил, во 1767 година успеа да издејствува од турскиот султан укинување на Охридската архиепископија. Денес цариградскиот патријарх Гркот Димитриос Архондонис, во улога како Вселенски патријарх Вартоломеј, се обидува да го доврши делото на Хацтерис.

Не случајно Крсте Мисирков во својата знаменита статија со наслов „Самоопределението на Македонците“, објавена на 25 март 1925 година, 20 години во масакрот во Загоричани, ќе запише: „…Со Грците ние ќе се бориме, зашто се единствените наши вековни историски непријатели. Целата наша македонска национална историја е полна со борби против Грците. … во средните векови само Грците ни го убиваа националниот дух и нè денационализираа… Тие и денес не гонат од родните пепелишта и следствено нè потсетуваат за нашиот стар историски долг да ги изгониме неканетите гости од нашите дедовски, предедовски земји.“

Во XIX век Загоричани било еден од главните центри на преродбата во Костурско. На почетокот на XX век жителите на селото речиси целосно се откажале од Цариградската патријаршија и се приклучиле на Егзархијата, со цел да ја следат богослужбата на славјански јазик, како и да учат на мајчин јазик во двете црковно-славјански училишта во селото. Соочено со тешкиот ропски живот, населението масовно се вклучило во револуционерната борба на Македонската револуционерна организација (МРО) и зело учество во Илинденското востание во 1903 година. Во текот на востанието селото е опожарено од турската армија на 15 август 1903 година, а околу стотина, деца и старци се исклани. Сепак тоа не го скршило духот на македонското население, кое било подготвено на повик на Организацијата повторно да се крене на востание.

Меѓутоа, по Илинденското востание од 1903 година се засилува грчката вооружена пропаганда во Македонија. Во текот на 1904 година Атина почна да испраќа се повеќе вооружени чети во внатрешноста на Македонија со цел да се спречат Македонците повторно да кренат востание, бидејќи се претпоставувало дека тогаш би можело да биде признато барањето на Македонската револуционерна организација за автономија на Македонија, со што територијата на Македонија засекогаш би била изгубена за Атина.

Селата како Загоричани, кои активно зеле учество во Илинденското востание и се откажале од Цариградската патријаршија, станале пречка за остварување на грчката „Мегали“ идеја. Поради тоа, андартот Георгиос Цондос, познат како капетан Вардас, решил да го казни селото. Како повод било земено опожарувањето на Чуриловскиот и Сливенскиот манастир (Св. Николај) од страна на четите на МРО, кои биле прибежиште на четите на грчката вооружена пропаганда. На андартите им било наредено да ги убијат сите жители на селото над 16 години. Колежот го организирал костурскиот митрополит Германос Каравангелис.

На 25 март (7 април нов стил) 1905 година, на црковниот празник Благовештение (Благовец) грчките андартски чети рано утрото го нападнале селото Загоричани. Биле заклани и масакрирани 62 Македонци и Македонки: беспомошни жени, деца, старци, меѓу кои и еден стогодишник. По колежот била испратена меѓународна комисија во Загоричани. Италијанскиот полковник Албер ќе запише: “…убивање со таква свирепост не сум видел досега и не можам да најдам зборови, со кои би ги опишал тие што ова злодело го сториле“. Тој, заедно со неговиот колега Манери, австрискиот конзул Прохаска и рускиот конзул Каљ, кога пристигнале во Загоричани ден-два по злосторството, не можеле да се соземат од страшната глетка: обезличени тела, пресечени грклани, избодени очи, распорени гради, исечени раце и нозе…

Загоричани било опожарено и доживеало колежи за време на Илинденското востание, а потоа во текот на Втората светска војна и на Грчката граѓанска војна. Поради злосторствата врз нив, Македонците биле принудени да се иселуваат. На нивно место се доселувани колонисти како дел од планот за грцизација на Егејска Македонија. Загоричани, во 1928 година од грчките власти преименувано како Василијада, е познато како место на многу масакри врз Македонците, поради кои се споменува во познатата македонска народна песна “Народе македонски“.

Како едно од најголемите македонски села, чии жители се истакнувале со својата македонска национална свест и посветеност кон Македонија, Загоричани претрпело многу страдања со масовни убиства и колежи на населението, уништување и спалување на куќите и целото село. По Илинденското востание, на 28 август 1903 година, турската војска и грчките андарти го запалиле селото, а населението го масакрирале: биле убиени 25 селани, 30 малолетни деца биле изгорени во фурна, а 16 девојки биле силувани и продадени.

По масовното клање на Македонците на 25 март 1905 година од грчките андарти селото повторно било запалено. По овој масакр започнало големо иселување во прекуокеанските земји, со што бројот на населението почнал да опаѓа. На местото на иселените Македонци грчките власти во 1924 година населиле 25 бегалски семејства од Мала Азија со вкупно 72 лица.

Загоричани повторно настрадало за време на Втората светска војна. Во 1949 година грчките монархофашистички сили убиле 18 млади загоричанци, меѓу кои 15 биле жени и млади девојки. Загоричани настрадало и за време на Граѓанската војна, кога биле убиени 62 Македонци, а други 242 биле принудени да побараат засолниште во Република Македонија и во некои источноевропски земји.

Според бројот на жителите, Загоричани било едно од најголемите македонски села во Костурско. Во својата статистика Васил К’нчов го споменува со 3.300 жители. Општото намалување на бројот на жителите се должи на масовното иселување во прекуокеанските земји и делумно во Бугарија. Поради подоцнежните повторни страдања и иселувања, селото во 1951 останува со 720, во 2011 имало само 325 жители, а денес 432.

Подготвил: Свето Тоевски