Панде Колемишевски во својата последна колумна прави идеолошка аутопсија на остатоците на начелата и идеологијата на некогашниот социјалдемократски сојуз.

Преку примерот на нивниот колиционен партнер но и идеолошки предводник Колемишевски дава приказ на хаосот во СДСМ.

,,Челниците на Социјалдемократскиот сојуз, рангирајќи личности од минатото, збор не проговорија за оние од сегашноста. Пропуштија да му оддадат признание, да го закитат со пофалби својот коалициски партнер, лидерот на ВМРО-народна партија.

Љупчо Георгиевски е феноменот што ја отсликува превртливата македонска политика и најјасно ги оцртува линиите на бласфемијата во Социјалдемократскиот сојуз. Полека, тактички се вдоми во неговите редови, обезбеди трајна заштита од секаков вид.

Георгиевски стана главната идеолошка и програмска икона пред која се крсти партијата. Околу идеите и идеалите на овој познат бипатрид, половина Бугарин, половина Македонец, новите водечки кадри на СДСМ се лепат како мушички на светло, летаат низ просторот и времето како муви без глави. Во тој лет уживаат во друштво на каузата на ДУИ, нивниот верен коалиционер”, пишува Колемишевски.

Необично рангирање на лидерите на партиите
Сега започнатата партиска кампања на Социјалдемократскиот сојуз се препознава по очигледната намера да се убеди дел од македонската јавност од нужноста да се смени Уставот и во него да се впишат Бугарите во преамбулата рамноправно со Македонците и со другите народи, тврди последниот директор на НИП Нова Македонија.

,,Обилно користејќи ја европската маска и извртувајќи ги тезите дека оној што не е за промена за Уставот е и против Европа, партиските активисти сеат магла за да се покрие очигледната намера. Сликовито објаснето, таа засилена активност се користи за да се убедат Македонците (само Македонците во Македонија) да бидат обезоружени, безволни, тивки и со наведната глава пред најавената бугарска офанзива на македонските уставно-политички полигони. Шоу-настапите на дел од раководството низ градовите и селата си имаат примеси и на предизборни активности, што не е лошо ако се има таква блиска намера. Не е ни прерано, треба да се биде на штрек, за секој случај”, пишува Колемишевски чија колумна во целост може да ја прочитате на овој ЛИНК.