„Преку внесувањето на Бугарите во Уставот ќе уследи уставен процес за преобликување и преуредување на државното и општествено устројство на Македонија, различно од досегашното. Целта на Бугарија е, преку новиот устав, со дозвола на македонските власти и пратеници, да влезе и да се замеша во внатрешните работи на државата. Со уставна амандманска одредба Македонија ќе треба да се откаже занавек од Македонците во Бугарија, да потврди дека нема Македонци во Бугарија. Но, прашање е дали во иднина ќе има Македонци и во Македонија.“ – вели новинарот Панде Колемишевски во својата колумна со наслов „Бугарија влегува во Македонија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Покрај другото, Колемишевски пишува: Се зголемува потенцијалот за погрешни калкулации, шпекулации и судири поврзани со најавените промени на Уставот на Република Македонија. Владата се нафатила да спроведе нешто, што е спротивно на мислењето и волјата на мнозинството од граѓаните, особено на Македонците. Удирањето во гради на власта дека не се плаши од народот може да ѝ донесе привиден успех, а големо прашање е дали и конечна победа, во која се надева.

Потврда за сложеноста и можните негативни последици се протечените информации за големата расправија меѓу членовите на таканаречената работна група за уставни измени. Интерните извори велат дека првиот состанок поминал со препирки, закани, жестоки спротивставувања во дискусиите, на раб на прекин. Била пауза да се смират духовите, да се подизгаснат пројавените национални и националистички страсти. Главниот арсенал го употребиле некои од претставниците на помалите албански партии, кои се заканиле дека ќе ја напуштат групата, ако не се прифатат нивните предлози за укинување на квотата од 20 отсто.

Впишувањето на Бугарите во Уставот не е механичка и проста процедурална операција, како што се трудат да ја прикажат од владејачките партии. Не е едноставна, затоа што е земена обврска во Уставот, во преамбулата и во нормативниот дел да се преточат Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017-та, како и Билатералниот протокол од јуни 2022 година. Внимавајте: не се менува само Уставот во неговите два дела, туку Собранието е обврзано да донесе и уставен закон за нивно спроведување. Ќе произлезе потребата за менување на стотина други закони.

Во една уставна амандманска одредба * Македонија ќе треба да потврди дека „ништо во нејзиниот устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица што не се граѓани на Р“. Со прифаќањето на тој амандман Македонија дефинитивно уставно и за навек се откажува од македонското малцинство во Бугарија, со што принципот на реципроцитет, заемност во односите се прогласува за мртов. Нема Македонци во Бугарија, но останува отворено прашањето дали во иднина ќе има и Македонци во Македонија.

Во Уставот ќе треба да постојат посебни одредби за гарантирање на слободното остварување на правата на Бугарите во Македонија, за нивно слободно изразување, заштита и развој на идентитетот и специфичните карактеристики на нивната заедница. Треба да се гарантира слободно употребување на симболите на нивната заедница, што подразбира знамиња, грбови, настани, ликови, отворање клубови и здруженија. Тука е и заштитата на бугарското културно наследство, во кое Бугарите го вклучуваат безмалку целото македонско културно наследство.

Европски експерти мислат дека Македонија може да очекува и серија нови серии барања, почнувајќи од идентитетски прашања до деловни зделки. Преку внесувањето на Бугарите во Уставот претстои уставен процес за преобликување и преуредување на државното и општествено устројство на Македонија, различно од досегашното. Само наивните може да мислат дека целта на Бугарија е да бидат запишани во Уставот само оние 3,5 илјади македонски Бугари, колку што се изјасниле на последниот попис.

Вистинската цел на Бугарија е на голема врата, легално, со дозвола на македонските власти и пратеници, да влезе и да се замеша во внатрешните работи на државата. Новиот македонски устав ќе ѝ послужи да ги добие претпоставените лостови. Тој ќе биде легалната алатка преку која долгорочно ќе диктира бугарски услови по нивна волја, со наша беспомошност.

Македонија живее во историски неповолен период, што може да изроди низа негативни последици, ообено за македонскиот народ во неа. Особено што Европската Унија не ѝ е наклонета, се однесува императорски кон неа. Во тек се процеси, кои се на наша долгорочна државна и национална штета. Македонија не се потпира на лекции на историските искуства, особено со Бугарија.