„Наводниот француски предлог е инструмент да се реализира проектот сегашната држава ‘с.Македонија’ да се припои кон државата Бугарија. Прашањето дали тоа ќе биде како целина, со народ и територија или во формат на еден народ во две држави, ќе се искристализира низ процесот на преговори под европскиот патронат. Францускиот предлог е дипломатски рафинирана платформа за таа цел.“ – вели новинарот Панде Колемишевски во својата колумна со наслов „Една држава со Бугарија е крајната цел на францускиот предлог“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Колемишевски пишува: „Историските апетити на Бугарија кон Македонија нагло пораснаа по нејзиното одвојување од југословенската федерација и осамостојувањето. Плодна почва за остварување на своите цели Бугарите најдоа кај коалицијата СДСМ – ДУИ, која дојде на власт по ’Шарената револуција’. Претседателот на СДСМ Зоран Заев, во дружба со Али Ахмети, им ги отвори ширум сите порти. Од нив и преку нив се дојде и до сегашниот таканаречен Француски предлог. ‘Оној криминалецот од Будимпешта’ беше во право кога велеше дека ‘Шарените’ се создадени, само за да се смени името и да се обезличи македонскиот народ.“

„Сега да наведеме факти како ќе се одвива македонското национално и јазично претопување, постепеното бугаризирање и асимилирање на идните генерации. Да го потврдиме континиутетот на тој тивок процес, што ја рони Македонија. Според текстот на предлогот, што ќе биде прифатен, идната судбина на ‘с.Македонија’ се предава во бугарски раце. Македонската влада ќе има статус на ослепен Самоилов војник – ќе може да гледа само со едно око. Како што сега не ги отвора двете, за да види во која кал ја носи Македонија.“

„Во предлогот јасно стои дека Бугарија и Македонија имаат заедничка историја, која, според бугарските толкувања, е чисто бугарска. Предлогот значи давање македонска согласност за раскинување на историската врска на македонскиот народ со сопственото културно-историско наследство. Националната свест на Македонците и историјата на македонскиот народ, ќе станат прашање, кое ќе треба да се редефинира од страна на ЕУ – за да нема повеќе македонско прашање! А македонското прашање во европски рамки може да биде решено само тогаш кога нема да постојат Македонците.“

„Предлогот предвидува Бугарија да има целосна контрола врз нашата самоидентификација, врз учебниците по историја и географија, врз печатени книги, весници, медиуми и социјални мрежи. Новите генерации ќе учат друга историја, главно бугарска. Сетете се само на офанзивата на министерката Мила Царовска и со која енергија запна да се менуваат учебниците, да се укинуваат часовите по историја и македонски јазик. Во неа македонскиот народ ќе биде обезличен, ќе биде оставен без историска генеза за идентитетско постоење. Низ книги и медиуми, со европска поддршка, ќе се применуваат методи за колебања околу националната свест на Македонците.“

„Прифаќањето на француската платформа заедно со билатералните протоколи го поништуваат референдумот за независност на Република Македонија од 8 Септември 1991 година. Поништуваат редица државни акти донесени во врска со тој референдум. Го поништуваат и 11 Октомври како ден на народното востание против фашизмот.“