Нето увозот на струја и гас за 11 месеци вреди 360 милиони евра и е за 190 милиони евра поскап од истиот период во 2021 година. Вкупниот увоз на струја и гас вреди 542,7 милиони евра. Извозот на струја во 2022 година во споредба со 2021 година пораснал за 5 пати и достигнал 186 милиони евра. Но тоа во најголема мерка е резултат на зголемениот транзит низ мрежата на МЕПСО за потребите на најголемиот регионален потрошувач на струја – грчкиот туризам   

Увозот на струја и гас изнел над 500 милиони евра од јануари до ноември годинава. Ова се официјални податоци што ги објави Државниот завод за статистика (ДЗС).

Во класификацијата е наведено дека ставката содржи електрична енергија, природен гас, пареа и климатизација. Вкупната агрегатна сума за потрошени пари за увоз на струја и на природен гас до крајот на ноември вкупни достигнала износ од 542,7 милиони евра. Во однос на истиот период лани вредоста на вкупниот увоз е дуплирана односно е зголемена за 336 милиони евра! 

Што се однесува до гасот вредноста на увозот е зголемена не заради зголемена потрошувачка туку поради екпанзивниот раст на цената на  „плавото гориво“ на европските пазари. Како што сме пишувале и досега волатилноста на пазарите и ценовните растови се резултат на стратешките пореметувања на снабдувањето предизвикани пред се од воениот конфликт на украинска територија.

Токму тој конфликт негативно влијаеше и врз пазарите за електрична енергија. Зголемени се цените на струјата на ниво на цел континент, а тоа рефлектираше и врз Македонија и тоа заради две причини. Првата е кусокот на домашно производство и традиционалната увозна зависност на Македонија од електрична енергија. А втората причина е се поизразената ниска способоност на термоцентралите на ЕСМ да произведуваат електрична енергија и тоа поради нивната амортизираност и намалениот ископ на квалитетен јаглен од домашните наоѓалишта. Дополнително на ова се надоврзува и веќе хорничаната лоша хидролошка состојба во нашите големи хидроцентрали со кои оперира државното претпријатие за производство на струја ЕСМ.

Од достапните јавни податоци се гледа дека реекспортот, извозот и транзитот на електрична енергија низ македонската преносна мрежа за првите 11 месеци лани изнел струја во вредност од 183 милиони евра. Тоа значи дека реално увозот на енергенси (читај струја н.з.) во овој период на нето основа изнесува 360 милиони евра – пари платени од македонските потрошувачи на електрична енергија за увозна струја.

Официјалните податоци за тоа кои се најдобитни трговски компании од увозот на струја нема затоа што финансиските годишни извештаи се подготвуваат. Засега и не може да се претпоставува кои се најголемите учесници на пазарот за струја освен тоа што е извесно. А тоа е дека македонската филијала на регионалниот гигант ГЕН-И е господар на транзитите и значаен учесник на пазарот на големо со електрична енергија, а лидери на пазарот на снабдувачите се ЕВН снабдување и ЕДС. Иако веќе се позначаен учесник на овој пазарен сегмент е новоформираната фирма на најуспешниот македонски претприемач во бизнисот со струја РЕС на Кочо Анѓушев.

Извор: Фактор.мк