За разлика од 2021 кога се пуштале електрични фотоцентрали во употреба со многу мала моќност, минатата година со енергетската криза евидентирани се 21 соларни централи со капацитет од 1, речиси 1 или над 1 мегават, според податоците кои ги доби „Фактор“ од Агенцијата за енергетика за ваквите инвестиции кои лани биле приклучени на мрежата.
Словенечката компанија ГЕН-И Сонце пушти во употреба три фотоволтаични централи, од кои една од 4,75, една од 2 и една од 9,5 мегавати. Тој е убедливо најголемиот инвеститор кој веќе ја завршил својата инвестиција лани и сега ги собира плодовите.
Премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од министерот за економија Крешник Бектеши, во октомври беа на отворањето на електраните во Свети Николе, Амзабегово. Ковачевски тогаш информираше дека електраната се состои од 31.772 сончеви панели на површина од 300.000 квадратни метри со предвидено производство од 25.000 мегаватчасови зелена енергија годишно, што би можела да снабдува над 5.500 македонски домаќинства.
На второто место може да се каже дека се фотоцентралите на ИГМ Трејд, на бизнисменот со челик Илија Гечев од Кавадарци, кој неодамна беше прогласен за прв милијардер од Македонија. ИГМ пуштил во употреба шест фотонапонски централи, од кои четири имаат моќност од точно еден мегават.
Во Топ-3, к кумулативно, се фотоцентралите на Централ Инвест кои станале активни во 2022. Станува збор за седум централи на компанијата на бизнисменот, инаку доста успешен на пазарот со електрична енергија, Кочо Анѓушев. Секоја од нив има моќност од безмалку по 1 мегават.
Еден мегават, еден милион евра
Домашен инвеститор, кој во моментов работи на голем проект за инсталирање на фотоволтаици и побара да остане анонимен, за „Фактор“ обелодени дека за изградба на фотоцентрала од еден мегават се потребни во моментов од 700.000 до 900.000 евра.
– Зависи од цените на материјалите на берзата. Сега е нешто поевтино, а порано беше потребно да се инвестира милион евра за еден мегават. Колку е поголема електраната, толку повеќе се намалуваат трошоците. Збирниот трошок зависи од многу фактори, а најмногу од тоа каква е површината на која ќе биде централата, достапноста за приклучокот, материјалите за железната конструкција и самите панели, ни изјави инвеститорот кој побара да не го објавуваме неговото име.
Зоран Митрески, познат управител на компанија која ги инсталира панелите за инвеститорите, очекува многу поголеми фотонапонски централи да бидат пуштени во употреба во 2023, но смета дека е лошо тоа што крупни играчи од странство ќе ја задоволат квотата и ќе добијат предност во однос на домашните.
– Не гледам визија во ова што се работи. Ќе има централи кои ќе имаат моќност од 10, 20 и 40 мегавати, но сите ќе ги поседуваат странци и ќе ја исполнат квотата. Тие ќе остваруваат профит на слободниот пазар, кој сега политиката така го постави, и тоа нема да се промени на добро за обичниот народ. Цената ќе остане висока како што е и ние и натаму ќе останеме увозно зависни од електрична енергија до 30 отсто, како што сме досега, смета Митрески.
Сопствениците обезбедија продавачи
Истовремено операторот на пазарот на електрична енергија МЕМО, инаку фирма-ќерка на МЕПСО, на крајот на 2022 го објави списокот на инвеститори кои ќе им ја продаваат произведената електрична енергија на посредници-препродавачи. На листата која се објавува за прв пат, има 190 сопственици-производители, меѓу кои, покрај специјализирани компании, има и фирми кои ги користат своите веќе постоечки ресурси како земјиште, покриви, силоси и друго, за производство на електрична енергија за сопствени потреби но и за продажба на вишоци.
Така, покрај погоре споменатите, има и фирми како Кит-Го, Уни Агро, Свислион, Полиестердеј, Стоби, МИК Свети Николе, Макпрогрес, Телеком, Макпетрол, Кожувчанка, Адинг, Бис Оил и свои централи со помала инсталирана моќност.
Извор: Фактор.мк
