Кој ги гали Албанците, а кој Македонците?

Пратеник во Собранието на Македонија прашува „Кој побарал административците – Албанци да бидат галени?!“

„Вистината е дека низ институциите административците – Македонци се оние што се галени, а не административците – Албанци. Кој побарал административците – Албанци да бидат галени?!“ – реагираше Елми Азири, пратеникот на „Алијансата за Албанците“ во врска со изјавата на Сања Лукаревска, потпретседателката на СДСМ инаку и директорка на Управата за јавни приходи, која вчера рече: „ Сите рамковни кадри, кои се во УЈП, се во рамки на нашата систематизација, која ја променивме, за да можеме да ги примиме. Тие ќе поминат тест, ние нема да ги галиме. Ако не покажат резултати, ќе мора да се поздравиме соодветно, затоа што никој директор, кој си ја сака институцијата и работи совесно и чесно, не би сакал да има дамки во своето работење“ – јавува информативната агенција ИНА.

По изјавата Азири и порача на Лукаревска: „Нејзината изјава ‘административците – Албанци нема да ги галиме’ некако прозвучува како изјава со предрасуда. Напредок во позицијата ретко им се случува на административците – Албанци, а исто така и во поглед на зголемување на платите. Тие се плашат да отворат уста, за да не бидат набркани од работа како незаслужни.“ – јавува ИНА.

Поранешниот директор на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски, одби да прими вработени по според Рамковниот договор поради несоодветно образование и затоа беше разрешен од Владата.