Доне Таневски е многу успешен и искусен стопанственик и долгогодишен прв човек на најголемата македонска хотелиерска компанија „Македонијатурист“. Благодарејќи на визионерството при што била избрана опцијата да се вложува во хартии од вредност наместо да се града нови хотели во овие неизвесни времиња „Македонијатурист“ остварува добивки од своите акции и депозити кои ги заменуваат намалените приходи од здравствената пандемија и економската криза

„Македонијатурист“ продолжува да биде еден од најуспешните инвеститори затоа што во првите шест месеци од своите вложувња оствари финансиски приход вреден 683.000 евра, покажуваат полугодишните податоци од паричниот тек на најголемата македонска хотелиерска компанија. Токму овој податок е многу значаен при вреднувањето на потенцијалот на оваа акција од страна на инвеститорите во хартии од вредност.

Според официјалните податоци од паричниот тек „Македонијатурист“ во вториот квартал од дивидени наплатила 561.000 евра. Податоците од билансот на состојба на компанијата покажуваат дека „Македонијатурист“ на крај на јуни во хартии од вредност вложила 14,5 милиони евра. Познато е дека оваа компанија има значаен стек акции во најголемата домашна според активата т.е. Комерцијална банка и дека токму од таа акција е најзначајниот дивиденден принос кој учествува во тие 561.000 евра. Воедно компанијата има вложувања и во удели на инвестициски фондови.

Билансот на состојба покажува дека „Македонијатурист“ има и краткорочни вложувања кои всушност се вложувања во депозити. На крајот на јуни годинава нивната вредност е 8,45 милиони евра. Во споредба со истиот период лани компанијата ги зголемила овие вложувања за 9 отсто.
Податоците од паричниот тек на „Македонијатурист“ покажуваат дека од камати на своите вложувања до крај на јуни компанијата приходувала над 122.000 евра.

Книговодствено вложувањата на „Македонијатурист“изнесуваат 22,95 милиони евра. Токму овој податок е еден од клучните аргументи заради кои инвеститорите во акции ја избираат акцијата на „Македонијатурист“ во своето инвестициско портфолио.

Квалитетот на инвестициското портфолио на „Македонијатурист“ е генератор на нејзиниот финансиски резултат за првото полугодие. И благодарејќи на приходите од вложувањата компанијата е во добивка заклучно до крајот на јуни.

Извор: Фактор.мк