Ден Масин е македонецот кој влегува во трка да стане член на парламентот во Отава по следните парламентарни избори во Канада.
По занимање е кредитен брокер а влезот во канадскиот парламент го бара како член на Конзервативната Партија во регионот Симко Норт.
По потекло е од Егејска Макеоднија. Неговите родители кои му ја всадиле љубовта кон Македонија дошле во Канада од Прекопане и В’мбел во Егејска Македонија. Масин добро ја познава македонската борба за опстанок.
Презимето на семејството Масин било принудно променето во Масинис од страна на грчките власти, но тие си го вратиле името по преселбата во Канада.
Масин се надева дека неговата пасија да им помага на луѓето што сега го прави успешен во професијата брокер ќе му помогне да биде добар пратеник.
Интерес за политиката имал уште во средно училиште кога волонтирал во политички кампањи во Торонто.
Во годините потоа продолжил да помага во регионални и федерални политички кампањи.
“Се навлеков на политика. Ја сакам идејата за демократски систем на владеење каде што владеат граѓаните”, вели Масин за локалните медиуми во Канада.
Одлуката да се кандидира за пратеник ја донесол откако еден пријател му рекол: “Или направи нешто или прекини со разговор за политика”.
Според него многу е важно за пратеник да работи за сите граѓани без разлика од која партија се тие.
Се одлучил да се кандидира како дел од Конзервативната Партија затоа што таа најдобро ја претставува идејата за владеењето со Канада.
“Либералната партија верува дека поголема влада е подобра влада. Јас не мислам така”, вели Масин.
Најавува дека без разлика на партиските определби сите пратеници треба да работат заедно што му дава дополнителна вредност пред процедурата во која треба да ја добие номинацијата за влез во канадскиот парламент, каде според најавите една од темите за кои ќе говори е и македонското прашање на кое му припаѓа.
ММДЧП: Македонците да гласаат за егејски Македонец во канадскиот парламент