Пишува: Катерина Златановска Попова
На 23 јуни во организација на Асоцијацијата на советници за развој на кариера АСК Скопје под покровителство на Вишеградскиот фонд, Скопје ќе биде домаќин на настан кој е познат како „Жива библиотека“. Expres.mk веќе пишуваше за идејата, а сега ви ги претсатвуваме темите и сите 10 „живи книги“ со кои ќе можете да се сретнете и да поразговарате.
Вики Андонова чија пасија е природната нега и козметика и која има безброј совети кои може да ви ги сподели како да ја истакнете својата убавина и да заблескате. Автор е на книгата „Природно убави со Биодевојка„ во која се содржани 175 природни, органски рецепти за нега на лице, тело и коса кои можете да ги подготвите во домажни услови. Таа е „Жива книга за природна козметика, нега и убавина“.
Димитар Митревски, основач на Bintern, првата македонска платформа која поврзува студенти, дипломци со компании за пракса и работа. Toj е „Жива книга за патот до практикантска работа„ и ќе може да дознаете како функционира оваа платформа и како да го скратите патот до вашата работа од соништата.
Искра Донева има мисија: да ја зајакне својата физичка сила, да си овозможи достоинствен живот и да почне да чекори! Нејзината животна приказна е учебник за развој на емпатија, а нејзината ментална сила и енергија е мотивација за сите кои мислат дека животот е тежок. Таа пишува, слика, постојано се доедуцира и неуморно ги развива своите потенцијали. Како што и самата вели таа е „Жива книга за живот со церебрална парализа“ од 4 тома.
Александар Николовски и Димитар Самарџиев ќе ви ја раскажат приказната за првата општествена градина во Скопје. Здруженото градинарство во градската средина е стремеж за непосреден пристап до свежа растителна храна, обид за надминување на отуѓеноста, хортикултурна терапија и создавање градинарска заедница поспособна да се соочи со тековните еколошки, климатски, општествени и економски предизвици. Од втората половина на 2019 година, па наваму, во екот на светската пандемија и економско-политичка криза, во општествената градина Бостание развиваме регенеративна култура, семенуваме* и се надградинаруваме заедно. Оваа книга секојдневно се пишува во над шеесет поглавја, а ова е можност да се запознаете со две од нив.
*семенува – изведенка од семе + менува (не е печатна грешка, туку неологизам)
Борче Стаменов во изминатите 2 години стана синоним за филантропија, емпатија и активизам. Започна како индивидуален акт на добрина на еден IT човек, за едно семејство со 3 деца, со мислата како да склопи компјутер кој нема да мора да го плаќаат, затоа што ако имале како, ќе се снашле и самите. До денес, неговата сега веќе формална организација „Донирај компјутер“ има донирано над 1660 компјутери на деца и училишта низ цела Македонија. Тој е „Жива книга за филантропија“.
Теодора Цветковска моментално работи во IT индустријата како QA инженер и е мајка на 2 годишно девојче. Пред да се здобие со телесни повреди после сообраќајна несреќа таа сонувала за кариера како генетичар и студирала молекуларна биологија. Како еден момент комплетно го сменил нејзиниот кариерен пат? Како до новото „нормално“ после ваков настан? Брутално искрени одговори за неудобни прашања за инклузија, кариера, семејство со оваа „Жива книга со совети за нови почетоци“.
Ангелина Булеска има 13 години, ученичка е во НОВА и е „Жива книга за гимнастика на коњ“. За спортот кој постои 2000 години и се смета за еден од најстарите во светот, за посебната врска која е потребна помеѓу јавачот и коњот, за вештините кои се неопходни и за предизвикот да се биде единствената на балканските простори ќе ви раскаже лично Ангелина.
Ирена Чаушевска Даниловска ја претставува женската сила и истрајност, желбата за рушење на табуата и границите. Таа е авторка на автобиографската книга СВОЈА и поборник за што повеќе млади девојки и жени да ја бараат својата независност и да ја градат својата кариера преку претприемништво и STEM едукацијата. Новите технологии се нејзина страст, а пловењето низ нови неоткриени светови како светот на машинското учење и невронауката нејзина дополнителна мотивација. Таа е „Жива книга за женската истрајност“.
Елена Димушевска е извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство која заедно со тимот посветени психолози, социјални работници и правници се бори за подигнување на свеста во нашето општество, препознавање на формите на насилство и обезбедување на нов почеток за оние кои ќе се охрабрат да се оттргнат од канџите на насилниците. За себе или за својата пријателка, роднина, колешка… Добијте одговори за начините и формите на поддршка од оваа „Жива книга за помош на жени и деца жртви на семејно насилство“
Гораст Цветковски е познат актер кој својата страст кон видео игрите ја претвори во своја втора професија. Тој е ко-основач на Македонската асоцијација за развивање игри – МАГДА и на GG.MK, најголемата гејминг мрежа во Македонија. Со него ќе можете лесно и брзо да се разберете ако ги знаете вистинските кратенки, може да ги дознаете новитетите во гејминг светот и како се тренира за учество на првенство во овој сега веќе признаен спорт. Посебно им го препорачуваме на сите родители бидејќи тој е „Жива книга за гејмерски муабети од маалото“.
Настанот Жива библиотека е од отворен карактер и може да присуствува секој кој има интерес и желба да види, слушне и искуси нови нешта. Посетителите ќе можат директно да поразговараат со нашите „живи книги“ за нивните искуства и што е она што ги прави посебни, кои се нивните животни лекции, совети, искуства од 17.30 до 20.30 во Leaf Cafѐ во Скопје. – велат организаторките.