„Многу луѓе на Балканот на крајот на ерата Меркел гледаат со измешани чувства бидејќи на германската канцеларка во последниве децении се гледаше како на сидро за малку стабилност и надеж. Како ќе биде без неа, е нејасно, а тоа ја зголемува несигурноста пред сѐ кај оние кои страдаа најмногу во војната пред 30 години, пишува германскиот „Тагесцајтунг“, пренесува Дојче веле.

Скромниот напредок и незадоволството во балканските земји, меѓутоа, покажуваат дека по рутинираните заложби за ‘ЕУ-перспектива’ мора да следуваат политички дела. Останува проблемот што одделни земји членки можат да го блокираат приклучувањето на нови членки, на ведува весникот и како пример ја споменува Македонија и блокадите од Грција и Бугарија.

Весникот „Зиддојче цајтунг“ оценува дека „ентузијазмот за нови ЕУ-членки е намален – кај многу држави од ЕУ поради неспроведените реформи, а на Западниот Балкан поради долгото време на чекање на членство во ЕУ. Скептични кон прием на нови ЕУ-членки се пред сѐ Франција и Холандија.

(…) канцеларката во Белград опомена дека на Западниот Балкан ‘има и влијание од многу други региони во светот’, па затоа ‘за нас е апсолутно од стратешки интерес да ги примиме овие земји во Европската унија’. Ако условите се исполнети, ‘ЕУ мора да го одржи зборот’, рече Меркел во Тирана по средбата со Рама. ‘Независно од тоа како ќе завршат германските избори, секој нов германски канцелар ќе има срце за регионот’, рече Меркел, потсетува весникот.

Ваквите изјави и апел од Меркел не се доволни, оценува „Рајнише пост“:

„Тоа е премалку, па, и покрај сето ценење на нејзиниот ангажман од страна на нејзините партнери за разговор, нејзината посета останува поврзана со горчливото претчувство дека во пост-Меркел ерата проблемите и конфликтите повторно ќе се влошат“, пишува весникот како што пренесува Дојче веле.