Во својата најнова анализа за состојбите во правосудството кое е под контрола на политиката новинарот Бранко Героски пишува за трите главни „камшикарки“ на судиите кои носат одлуки спротивни од вкусот на Заев, кои тргнаа во пресметка со судиите на скопска Апелација.
Во текстот ,,Весна, Тања и Лорета ги дисциплинираат судиите”, Героски пишува за
Заевите „камшикарки“ во Судскиот совет кои според него извршиле груба атака врз судиите од Апелациониот суд во Скопје, за да испратат порака дека Советот е камп за превоспитување на судиите кои одбиваат да извршуваат политички нарачки.
Кои се главните „камшикарки“ на Зоран Заев во Судскиот совет? Какви се нивните биографии? Што содржат анкетните листови за нивните имоти, кои се информации од јавен карактер?
Героски дава одговор на поставените прашања:
Весна Дамева – најбогатата приправничка на СДСМ
Пред нејзиното именување во судскиот совет, Весна Дамева во правната фела беше „тера инкогнита“. По нашки, никој и ништо. Тешко ќе се најде правник или новинар кој ја знаел дека постои. Без потенцијал за судија или соодветен квалитет за да стане јавен обвинител или адвокат, врвен дострел во кариерата на Дамева е приправник, а потоа и стручен соработник во Основниот суд Скопје 1. Единствената работа со којашто може да се пофали во биографијата е дека била распоредувана во повеќе одделенија на Судот, а одреден период била и стручен соработник на претседателот на Судот, овластено лице за постапување по претставки и поплаки и овластено лице за посредување со информации од јавен карактер.
Посиромашна и посрамна биографија за еден претседател на Судскиот совет досега не била објавена.
Единствена работа по која ја знае јавноста е фотографијата од штабот на владеачката СДСМ каде што насмеана позира токму со Зоран Заев. После тоа, Дамева се правдаше дека случајно се нашла во штабот и не била член на СДСМ, туку како експерт му помагала на Заев.
Во нејзината биографија нема баш ниту една референца поради која таа би била предложена од страна на претседателот Пендаровски како член на Судскиот совет. Освен блискоста со Заев. Затоа единствената работа со која што може да се пофали во официјалната биографија е дека „на ден 12.12.2019 година е избрана за член на Судскиот совет на Република Северна Македонија по предлог на претседателот на државата, а функцијата започна да ја обавува на 27.12.2019 година. На ден 05.12.2022 година е избрана за претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија“.
Нејзиниот анкетен лист од друга страна не ја одразува нејзината сиромашна правна кариера.
Дамева е побогата од 99% од судиите на кои им била приправник, а сега треба да ја оценува нивната работа.
Заедно со сопругот поседуваат благородни метали, златен и друг накит, со вредност од околу 20.000 евра, како и уметнички слики од нецели 10.000 евра. За нив не е објавен податок во имотниот лист на кој начин се стекнати. Сопругот пријавил и скапоцени часовници, кои вредат 24.000 евра, како и моторно возило „Ауди А6“, со вредност од околу 16.000 илјади евра, за кои исто нема податок на кој начин се стекнати. Брачниот другар пријавил и акции чија вредност не е наведена, како и удели од по 33 и 50 отсто во одредени фирми. Сопругот на Дамева поседува и две побарувања по основ на даден заем, и тоа едното од 1,7 и второто од 3 милиони денари.
Децата на Дамева им конкурираат на децата на Драги Рашковски и како нивен имот таа пријавила и 3.612 евра и 206 долари, како подарок, како и орочен денарски депозит од 87.985 евра, стекнат со договор за подарок. Децата поседуваат и трансакциски сметки. Брачниот другар на новата претседателка на Судски совет поседува и банкарски сеф во кој има 2,2 милиони, но не е наведено во која валута, а таа лично има кредит од 320.000, исто така непознато во која валута.
Тања Чачарова Илиевска, која важи за десна рака на приправничката Дамева, нема поминато ниту еден ден како судија или обвинител, а и таа треба да ги оценува судиите. Нејзината адвокатска канцеларија не важи за позната, а тоа колку добро работела се гледа по фактот дека се отворала или се затворала во зависност од тоа дали Чачарова-Илиевска имала државен ангажман.
Најголема гордост и достигнување во кариерата ѝ е тоа што во периодот од 05.08.2017 до 30.11.2020 година работи како Посебен советник за правда во Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија. Од 01.12.2020 година, до изборот за член на Судскиот совет на Република Северна Македонија (16.12.2021 година), повторно ја врши адвокатската дејност.
Во јавноста не излегоа нејзини фотографии од штабот на СДСМ или во прегратките на Заев, но затоа немаше демант на информациите објавени во медиумите дека истата во повеќе наврати ги финансирала кампањите на Зоран Заев и СДСМ. Во годишниот извештај за 2018 година е евидентирано дека на сметка на СДСМ уплатила пари во два наврата. Во првата половина од годината 5.540 денари, а во втората – 7.500 денари.
Во годишниот извештај за 2020 година стои дека донирала 17.200 денари. Во извештајот од предизборната кампања за коалицијата „Можеме“, која ја поддржувала и преку својот Фејсбук профил, Чачарова донирала 5.600 денари и 16.000 денари.
Тогаш Чачарова тврдеше дека не е дел од политичка структура и дека секогаш ѝ било чест кога некој од неа барал адвокатски услуги и правни консултации, правдајќи се дека во канцеларијата на премиерот Заев била вработена во постојан работен однос, како што рече, врз основа на стручните достигнувања. Членувањето во судскиот совет ѝ претставува предизвик како на секој адвокат којшто сака напредок во кариера.
Токму во тој период Заев го отвараше судството како пупка, а недовербата во судовите и во обвинителствата го достигна дното. Практично, нејзина заслуга и заслуга на Заев е што поради тогашните „реформи“ и политичките процеси, довербата ги достигна сегашните 4%, со што Македонија е ставена на столбот на срамот.
Лорета Гeоргиева, богатата струмичка судијка на Заев
Сиромашна кариера и напредување само кога СДСМ и Заев се на власт е краткиот опис на биографијата на Лорета Горгиева, чиј најголем успех во кариерата е изборот за основен судија во Судот во Струмица.
На Георгиева ѝ биле потребни 6 години за да положи правосуден испит, но затоа не ѝ требало премногу време за да направи енормно богатство со сопругот државен функционер и да добие шанса да превоспитува судии кои носат одлуки спротивни на волјата на Заев.
Лорета е сопруга на Зоран Ѓоргиев, кој му бил советник и човек од доверба на градоначалникот на Струмица. Георгиева станува судијка по многубројните партиски перипетии во времето кога Судскиот совет беше под целосна контола на СДСМ и на туркање токму од Зоран Заев, тогаш тазе градоначалник.
Професорот Ѓорѓи Марјановиќ за изборот на Лорета Георгиева напиша: „Има ли нешто попонижувачко за една жена, некој да сака да ја направи судија не заради нејзините стручни квалитети туку затоа што му е сопруга на човек кој му помогнал на некојси Зоран Заев да стане градоначалник на Струмица“?
Можеби јавноста и не ја памети по некој судски процес, но затоа Георгиева е добро ситуирана, иако нема доволно образложенија во анкетниот лист, како таа и сопругот се стекнале со богатствата.
Луксузните возила „БМВ“, „Ауди“ и „Инфинити“ се дел од возниот парк на Георгиеви, со кои Лорета се пофалила во анкетниот лист. Нејзините деца, како и децата на Рашковски и на Дамева. исто така имаат богати девизни штедни книшки, но Горгиева не навела дали тие имаат по 15.000 евра или во друга валута. Таа и самата пријавила на своја сметка депозити тешки околу 3 милиони денари, а заедно со сопругот пријавила 9 имоти и куќи на подрачјето на Струмица. Нејзиниот сопруг има дадено на заем околу 10 милиони денари, а истиот зел кредит вреден 200.000 евра. Кому е даден заемот и од кого е земен кредитот не е наведено и осанува дилемата зошто се прикриени овие информации и дали заради нив таа може да има судир на интереси.
Целата анализа на овој линк на Плусинфо