Се раскрекале краставите жаби во жабурнакот во што ја претворија Македонија дека тие биле проевропски, а сите што им опонираат се антиевропејци. Како што наближува рокот да го испорачаат тоа на што се обврзаа, а никого не прашаа за дозвола, ниту ја имаат потребната поддршка за да го спроведат, почнаа да кризираат и да им лепат етикети на сите што им стојат на патот на најновото, кој знае кое по ред силување на народната волја.
Откако оној што ќе се иселел од државава ако не бил претседател го потпиша антиевропскиот пакет закони за „Бехтел и Енка“, донесени со злоупотреба на европското знаменце, побрза да си го покрие срамот со тврдењето дека „со првото гласање (за уставните измени) кое бара две третини би се идентификувале двата главни блока во државата – проевропски и антиевропски“.
Жити мајка! „Кај си бе љубави“ сака да каже дека не го слушнал холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп како во интервју за Радио Слободна Европа оценува дека договорот со „Бехтел и Енка“ не е усогласен со законодавството на ЕУ и оти целиот начин на кој е спроведен е нетранспарентен? Напомнувајќи дека употребата на европското знаменце за законите за коридорите 8 и 10д може да има последици во натамошниот процес за евроинтеграции, Коп на шајшуткиве им „нацрта“ и дека: „ЕУ законодавството е многу јасно. Не може да ги игнорирате правилата за јавни набавки, односно да ги избегнете тендерските постапки во договорот. Има два услови кога е дозволено тоа. Првото е кога станува збор за националната безбедност, кога имате тенкови на границата, не мора да чекате најдобар договор за да купите оружје и вториот е кога станува збор за национална катастрофа“.
Е тука неговата екселенција превидела дека е исполнет токму вториот оправдан изговор, според него, за милијардерски договор во четири очи. Поголема национална катастрофа од оваа гарнитура на власт што ја гази Македонија веќе седма година ниту имало, ниту ќе има во догледна иднина.
Колку е проевропски блокот што го „обича“ лузерот на претседателските избори во 2014 година, кога Ѓорге Иванов во вториот круг го прегази со безмалку 137 илјади гласови разлика, покажуваат серијата примери за антиевропско однесување. Почнувајќи од силеџискиот „избор“ на собранискиот спикер Талат Џафери без записник од седницата и со кршење на сите (не)можни уставни, законски и деловнички процедури, преку игнорирањето на јасно изразената волја на народот со масовниот бојкот на пропаднатиот референдум за името од 30 септември 2018 година, до насилното протуркување на двојазичноста повторно со европско знаменце, иако таква обврска не постои во копенхашките критериуми за евроинтеграцијата.
„Проевропскиот“ блок „се истакна“ и со тоталната партизација на јавната администрација преку вработувањето над 30 илјади нови партиски послушници откога ја узурпира власта од 2017 година наваму, преку раскрчмувањето на институциите и на ресурсите што имаа „среќа“ да ги преземе кадар на ДУИ, до катастрофалните економски политики во услови на Ковид и на енергетска криза. Толку се проевропски што Холандија го прекина проектот од близу еден милион евра за поддршка на Судскиот совет, кој амбасадорот Коп го окарактеризира како „нелегитимен“, а Советот му одговари дека забелешките му биле неосновани?! Без око да им трепне дека станува збор за дипломатски претставник на земја со право на вето во ЕУ, па и Клингонци да запишат во Уставот!
Полна им е устата Европа и Европска унија, но каде кај нив мртви ладни продолжуваат да владејат на централно ниво тие што биле столчени на општинско, како нелегитимниве несреќи на власт по бришењето на патосот со нив на локалните избори во октомври 2021 година? Каде на планетава актуелна власт упорно турка туѓи агенди на штета на државните и на националните интереси, освен ако не станува збор за насадени корумпирани инсталации со поданички менталитет и со незгаслива жед за приграбување материјална корист (само) за себе, како овдешниве? Што е тука проевропски?