Ексклузивно интервју за Expres.mk
Пишува: Катерина Златановска Попова
Жива библиотека или во светот попозната како Human Library за првпат се појавува во Данска во 2000 година како начин за борба против предрасудите овозможувајќи им на луѓето да се сретнат и да разговараат со личности кои вообичаено никогаш не би имале можност да ги сретнат. Од тогаш, не само што прераснува во невладина организација туку станува и меѓународно движење со многу настани низ целиот свет отворајќи различни теми и рушејќи ги табуата.
Еден таков настан на 23 јуни ќе се одржи и во Скопје, а за сите поединости поразговаравме со главните организаторки, Славица Тасева, претседателка на Асоцијацијата на советници за развој на кариера АСК Скопје и Илона Олехлова од чешката Mission: Reconnect која е главен координатор на проектот поддржан од Вишеградскиот Фонд.
Прашање за Илона: Може ли да ни ја објасните целата идеја и концептот на проектот и кој сѐ е вклучен?
Со нашата чешка организација Mission: Reconnect, баравме начини како да го „подразбудиме“ нашиот чешки град Преров. Се сетивме на концептот за Живи библиотеки и си рековме: „Добро, ајде да организираме еден ваков настан“. И додека се обидувавме да најдеме потенцијални поддржувачи, наидовме на можноста да аплицираме во Вишеградскиот фонд. На крај, одлучивме да направиме нешто многу поголемо и да ги „разбудиме“ заедниците во 8 земји и тоа во Чешка, Полска, Словачка, Унгарија, Северна Македонија, Србија, Косово и Албанија.
Во секоја земја, настанот Жива библиотека го организира локална организација која има можност да ги избере темите кои се важни за заедницата, на пример, српската организација Генератор Врање ја посвети својата Жива библиотека на теми за животната средина во средината на мај. Посебно сме љубопитни за темите кои ќе ги покрие македонската Жива библиотека во организација на АСК Скопје.
Прашање за Славица: Што може да очекуваме на 23 јуни, може ли да ни појасните за каков настан се работи?
Станува збор за интерактивен и едукативен настан каде преку презентацијата и директните разговори со „живите книги“, промовираме различни видови на активизам и професии. Нашето опкружување е многу богато и плодно и можеме да го запознаваме и истражуваме на разни начини. Со настанот поттикнуваме љубопитност и развиваме вештини за истражување и вмрежување, како едни од клучните вештини за да можеме да се охрабриме и се нурнеме во морето од бесконечни можности пред нас. Истовремено ќе се дружиме, забавуваме и разменуваме идеи и искуства.
Прашање за Славица: Кој може да присуствува на настанот?
Настанот Жива библиотека е од отворен карактер и може да присуствува секој со интерес и желба да се видат, слушнат и искусат нови нешта. Посетителите ќе можат директно да поразговараат со нашите „живи книги“ за нивните искуства и што е она што ги прави посебни, кои се нивните животни лекции, совети, искуства.
Прашање за Славица: Кои се книгите, кои теми ќе ги понуди Живата библиотека во Скопје?
Со оглед на тоа дека не постои ограничување за темите кои можат да бидат допрени, ние се одлучивме за 10 – тина „живи книги“ кои ќе покријат разновидни интересни теми, се одлучивме за личности кои имаат извонредни и уникатни животни приказни, искуства, лична мисија… Наскоро ќе ги презентираме сите „живи книги“ со кои посетителите на настанот ќе можат да се сретнат и да си поразговараат, а како најава би ги споменала книгите за филантропија, општествена градина, природна козметика и нега, патот до практикантска работа, животот со церебрална парализа…
Прашање за Илона: Како досега тече реализацијата на проектот, кои се следните активности кои ги планирате?
Веќе споменав дека српската Жива библиотека се одржа во средината на мај. Следна е оваа во Скопје, а за време на летото нашите партнери ќе организираат по еден настан во Тирана или Митровица.
Би сакала да ја искористам оваа прилика да ги поканам сите да ни се приклучат на нашиот онлајн Жива библиотека настан кој ќе се случи на есен оваа 2022 година. Тој ќе вклучува гости од сите 8 земји и, од удобноста на вашата дневна соба, ќе имате можност да се сретнете со инспиративни приказни на луѓе кои се активно вклучени во нивните заедници.
Покрај онлајн Живата библиотека, исто така ќе организираме 2 онлајн дискусии на тема вклученост во заедницата. АСК Скопје е наш партнер во сите овие активности и затоа ви препорачувам да ги следите за да бидете во тек со сите новости и секако, придружете ни се на 23 јуни или на онлајн настанот на есен.
Expres.mk ексклузивно ќе ги пренесува сите детали за текот на подготовките и наскоро ви најавуваме и дека ќе може одблизу да ги запознаете сите живи книги со кои ќе може да се сретнете и да поразговарате на 23.06 од 17.30 до 20.30 во Leaf Cafѐ во Скопје.