Дали и кога ќе се вратат во употреба бесплатните билети за младите до 27 години – министерот за транспорт и врски Благој Бочварски нема прецизен датум. За „Мета“, од неговото министерство велат дека тој засега единствено имал состаноци со студентските здруженија, а Владата допрва треба да реши за тоа прашање како нова одлука на седница.
На 19 март 2020 година Владата специјално процени дека младите со бесплатните билети би можеле да придонесат за ширењето на пандемијата, па времено да ги стави во мирување поволностите за бесплатно патување со воз.
До пред 16 месеци сите млади лица до 27 години имаа право на користење на бесплатни железнички билети за патување со патничките возови на било која дестинација секој прв и трет викенд во месецот. Покрај тоа, студентите имаа право на бесплатно патување со воз секој четврток, додека учениците од средните училишта во земјава можеа бесплатно да патуваат со воз секоја среда.