Прво поевтини сметки за струја за јануари, па дури потоа компаниите ќе ги намалуваат цените на производите. Владата најавува намалување на маржите и ограничување на цените доколку производителите не ги намалат цените по 1 февруари.

Ова доаѓа по вчерашната одлука на Регулаторната комисија за 20,15 отсто да се намали цената на електричната енергија за микро и малите компании од Нова Година.


  • – Имајќи предвид дека овие цени ќе стапат на сила од 1 јануари. Тие првите сметки ќе ги добијат во текот на февруари. Така што ќе следиме на наредниот период откако ќе стапи на сила новата цена. И секако Владата има механизам за следење преку надлежните инспекторати, вели советникот за енергетика во Владата, Виктор Андонов.

Сепак, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека граѓаните од Нова година ќе плаќаат поскапа струја. Тврди дека евтината тарифа кои ја користат домаќинствата ќе се зголеми за повеќе од два пати.

Мицкоски обвинува дека од 200 милиони евра кои ги потрошила АД ЕСМ, 30 милиони се краделе. Побара американскиот тим за санкции да влезе во ЕСМ и да ги провери неговите тврдења за криминал.

  • – Имаме гости, нели, во државата, специјален тим на истражители којшто е донесен од нашиот стратешки партнер, САД. Еве, две места јас ќе им кажам. Нека проверат како се превезува преку Граничен премин Ново Село збирната роба којашто доаѓа од Турција и Кина и нека се провери каде завршиле 200 милиони во ЕСМ. Не треба ништо друго да прават, тука нека се фокусираат, вели Мицкоски.

Првиот блок на РЕК Битола утрово е вратен во мрежа и според ЕСМ работи со максимален капацитет. Од саботата надвор од функција е ТЕЦ Осломеј, а од владата очекуваат утре да почне со работа.

Андонов тврди дека недостатокот се надополнувал од останатите капацитети на ЕСМ, но вчера компанијата купила повеќе од 1 000 мегавати струја повеќе за разлика од претходните денови.