Кога ќе се извини Бугарија за депортацијата на Евреите во Треблинка и масакрите и фашистичката окупација на Македонија од 1941-1944?

Бугарскиот фашистички окупатор депортира  98 отсто од македонската еврејска заедница преку официјалната соработка и сојузништво на тогашното Кралство Бугарија со Адолф Хитлер и неговата фашистичка Германија. Минатата година околу 50 организации за верски слободи и човекови права во светот испратија заедничко писмо до официјална Софија со барање за извинување за депортацијата на македонските Евреи. Во писмото, кое беше испратено и до државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, Американската комисија за меѓународна верска слобода, Европската комисија, Европскиот совет, Европскиот парламент и до други официјални институции, Бугарија беше повикана официјално да го признае своето ужасно злосторство и да се извини за депортацијата речиси na целата македонска еврејска заедница во логорот на смртта Треблинка, од каде што не се врати никој жив.

„Со укинувањето на пресудите во 1996 година, донесени од Народниот суд во 1945 година, Република Бугарија ја брише намерно својата мрачна историја и на тој начин ја искривува вистината за холокаустот врз Евреите.“ – беше напишано во писмото, кое организациите го испратија до официјална Софија преку глобалната мрежа за верски слободи (ИРФ Раундтејбл), со седиште во Вашингтон.

Ова писмо на Педесетина светски организации за верски слободи и човекови права означува и недвосмислено спротивставување на сегашниот налудничав бугарски став дека за време на Втората светска војна тие не биле фашистички окупатори и злосторници, туку само „администратори во новоослободената бугарска Македонија“, што е позиција со која официјална Софија сака да ја префрли вината за депортацијата на повеќе од 7.000 Евреи од овие простори врз антифашистичкиот македонски народ!

Но, досега нема никаков бугарски одглас, владее целосен молк околу ова писмо, кое мора да се сфати и како порака до „северната“ Влада дека не добила од никого мандат, ниту право поради уцените од Софија да ја брише и да ја преправа македонската национална историја преку интервенции во учебниците по историја и со бришење на написите на спомениците, само затоа што на Бугарија не и се допаѓа нејзината вистинска историска улога како поборник и заштитник на фашизмот за време на Втората светска војна.

Македонија и македонскиот народ очекуваат официјално извинување од бугарската држава и поради уништувањето на нејзината еврејска зедница, но и поради вршените ѕверски убивања и масакрите врз македонскиот народ во Втората светска војна.  Македонија и македонскиот народ очекуваат и еден бугарски премиер да клекне на колена пред спомениците на жртвите на еврејскиот холокауст, но и пред спомениците во Ваташа и оние места каде што беа убивани и масакрирани македонски деца, партизани, жени, старци.

Како што клекна големиот германски канцелар Вили Брант на колена пред  споменикот за побуната во Варшавското гето на 7 декември 1970, признавајќи ја германската вина за усмртувањето и на Евреите заробени таму, кои со очајна храброст се бореле против германските мачители за својот живот и за своето човечко достоинство.