Одлуката на Апелациониот суд да го ослободи Сашо Мијалков од досудениот притвор за случајот “Плацови на Водно” ќе предизвика емотивни реакции во јавноста, но таа бездруго е добра вест. Таа одлука покажува дека притисокот на луѓето од веќе евакуираната Заева постава врз обвинителите и врз судиите полека попушта. И допрва се очекува да попушта. Иако, според моите информации, сепак имало притисок и сега, при одлучувањето по жалбата на Мијалков, да се пресуди на негова штета – пишува во својата последна колумна новинарот Бранко Героски.

Треба еднаш да се сфати дека никој од извршната власт – ни актуелниот министер за правда Бојан Маричиќ, кој набрзо, се надевам, ќе го напушти ресорот – нема право да бара некаква “отчетност” од судиите и од обвинителите за нивните одлуки. Тоа е флагрантно кршење на принципот на поделба на власта. Тоа е кардинална глупост што сериозен политичар во земја претендент за членство во ЕУ, едноставно, не смее да си ја дозволи.

Сакам да верувам дека ова се последни крикови на нашите модерни јакобинци, кои или не можат или не сакаат да ја научат историската лекција, која вели дека обединувањето на законодавната, на извршната и на судската власт (базичниот принцип на Јакобинската револуција) неизбежно води кон диктатура, кон терор и на крајот кон распад.

Како и да е, во Македонија еднаш засекогаш мора да се сфати дека притворот не е и не смее да биде казна. Притворот се изрекува само по исклучок, ако другите мерки за обезбедување на присуството на обвинетите на судските рочишта и за спречување на опасноста тие да влијаат врз сведоците или да го повторат делото, не се доволни. Тоа го знае секој студент по право.

Легитимна цел на притворањето не може да биде обидот притворениците да се малтретираат поради нечија лична одмазда, да се уценуваат, да се принудуваат да признаат вина, да се спогодуваат или да сведочат вака или онака. Еднаш засекогаш мора да престане казнувањето на обвинетите и на неправосилно осудените со измачување и со тортура во нехуманите македонски робијашници. Земја кандидатка за членство во ЕУ тоа срамно поведение, поради кое постојано трпи критики, веќе не смее да си го дозволува.

Апелирам притворениците што не се за притвор веднаш да бидат пуштени на слобода. Да секако, меѓу нив е и Орце Камчев. Тој е меѓу првите, но не само поради неговата влошена здравствена состојба, туку и поради ноторниот факт дека веќе десет месеци е во притвор само поради личната одмазда на неговиот добро познат џелат, чија пизма беше и јавно обелоденета.

Согласно со препораките од европските институции, кои постојано ја опоменуваат Македонија мерката притвор да се применува селективно и само по исклучок, на сите тие луѓе треба да им се овозможи да го остварат правото да се бранат од слобода. Така е секаде во цивилизирана Европа, така мора да биде и во Македонија.

На сите на кои не им се допаѓа ова што го читаат, јас им велам вака – жалам, не можам да ви угодам – пишува Героски.

Целата колумна на следниот линк:

Последните крикови на нашите јакобинци