Кога безличните обезличуваат – Пишува Роберт Димитриевски

Беше само прашање на време кога ќе го преименуваат и стадионот „Филип Втори Македонски“. Така повеќе немало да се вика Националната арена во Скопје, откако Грците реагирале дека тоа име не е во согласност со Преспански договор. А штом нешто не им се допаѓа на јужните соседи, Заев и компанија не чекаат да им речат двапати, па веќе предложиле најголемиот спортски објект во Македонија да се прекрсти во ептен препознатливото „Национален стадион Скопје“?!

Една креативност, што да ти раскажувам. Баш како и „Меѓународен аеродром Скопје“ наместо „Александар Велики“ или „Пријателство“ наместо „Александар Македонски“ за автопатот до некогашната отоманска провинција на југ од „Северна“. Толку „голем“ ангажман на сивата маса во северџанските глави не е виден уште од времето на Градски стадион, сала во Градски парк, Градски трговски центар (ГТЦ), базен „Младост“, кино „Култура“, мотел „Турист“ итн. Или стопанските субјекти именувани според главниот град, како Органско-хемиска индустрија „Скопје“ (ОХИС), Јавно сообраќајно претпријатие „Скопје“, Рудници и железарница „Скопје“…


Лажниве космополити, а во суштина луѓе што се срамат од тоа што се, толку го забетонираа идентитетот што измислија новоговор во кој наместо Македонија, Македонци, македонски народ велат „нашата земја“, „граѓаните на оваа земја“ и сл. Со пораката „нема да ме скарате со Грците“, премиерот одбива дури и да го именува јазикот на кој зборуваат Македонците во Егејска Македонија. Толку од бетонираниот идентитет и од „македонската жица“ на кандидатот за Нобелова награда за мир токму за договорот од Нивици.

За атер на Грците, и придавката „македонски“ ѝ го отстапи местото на одредницата „национален“ во стотици државни институции. За која нација станува збор, не (им) е важно. Важно, да бидат задовол(е)ни новопечените им сојузници што тврдат дека се и Македонци, топтан со стратешките им партнери од Брисел и од Вашингтон.

Кај и да е, ќе отиде курбан и името „Македонија“ на главниот плоштад и на главната улица во главниот град. Море, има да го (с)нема и името на училиштето „Димитар Македонски“, а нека почнат да размислуваат за ново име и жените крстени Македонка.

Според неподносливата им леснотија на обезличувањето, безличниве ни сонародници, кои со секој ден сè повеќе заслужуваат посебна графа на претстојниот попис различна од таа за Македонците, сите отстапки ќе ни ги „продаваат“ како влог во подоброто утре. Додека рамената им ги искривуваат од тапкање белосветски трговци со души, а тие соблазнети од среќа им прават друштво на заедничката маса, на која се коваат планови за „усреќување“ нови и нови народи и земји. По урнек на Македонците/Граѓани на Република Северна Македонија.