„СДСМ според сите анкети ќе го прегази ВМРО- ДПМНЕ на предвремени избори ама не сака да ги забави реформите потребни за ЕУ и да загуби време кое што ќе биде потрошено на економија“.
Оваа теза која што ја повторуваат наизменично Заев, Османи, Димитров и другите првенци на власта за дел од населението може да е реалност но за најголем дел е најголемиот виц во оваа 2019 година.
Би било интересно да се направи профил на тие што веруваат дека СДСМ и Заев навистина би пропуштиле ваква шанса да го дотолчат ВМРО-ДПМНЕ.
Профилот на тие што веруваат во вицот ќе покаже дека изманипулираниот верник на манипулаторите на власт е човек што директно зависи од оваа Влада, има бизнис кој го добива во четири очи, ужива на висока позиција во администрацијата, или има неограничена омраза кон се што е „вмровско“ и затоа СДСМ треба вечно да владее.
Зошто тезата на Заев за запрени реформи за ЕУ и НАТО и загубено време за економнија не важи.
Уверен сум дека опозицијата и нејзиниот лидер Мицкоски како што тоа го направи лани за да не се закочи европскиот пат, би се согласиле доколку Заев тоа го побара, сите неопходни реформи за добивање датум за преговори да се донесат со консензус пред распуштање на Собранието.
За тие реформски процеси што не можат да бидат донесени до 5 мај кога ќе биде избран новиот претседател има доволно време до 20-21 јуни, кога во Брисел ќе се случи самитот на ЕУ да се донесе целиот реформски пакет потребен за ЕУ.
Во вакво постпредизборно сценарио додека техничката влада ги подготвува изборите партиите можат да подготват терен за реформите кои би биле процесирани веднаш по изборите.
Овде Заев нема да има никаков ризик дека опозицијата ќе бојкотира затоа што со тоа ВМРО-ДПМНЕ директно ќе биде кривец за недобивање на датум за ЕУ а во исто време би се соочил со гневот на Брисел. Настрана што Мицкоски доколку победи на парламентарните избори оваа состојба ќе ја искористи за својот и имиџот на својата партија.
Причина повеќе за вакво сценарио се и екстра поените кај ЕУ кои ќе се добијат со спроведени фер и демократски избори, и тоа во графата каде што од 2000 година постојано имаме проблематични оценки од Брисел и САД.
Но овие сценарија се можни само во еден случај, ако СДСМ навистина има висок рејтинг како што тврди и сигурно победува на предвремени парламентарни избори.
Со оглед на вицот од почетокот на овој текст извесно е дека ситуацијата е сосема спротивна.
Тоа што ниту една од истражувачите на јавното мнение (освен МЦМС пред повеќе од два месеци) во круцијални моменти за државата не објавуваат анкети е јасен показател дека нешто смрди во анкетните води.
И Заев и Димитров пред десетина дена зборуваа за „сите расположиви анкети“ а ние не гледаме ниту една објавена во јавноста.
Како е можно СДСМ да има толкав рејтинг а нејзините аналитичари да го кријат тоа?
Или можеби анкети навистина има но на нив води опозицијата и затоа власта, без разлика дали се работи за ДУИ или СДСМ или двете партии заедно, се плаши од предвремени парламентарни избори.
Во услови на секојдневни гафови, скандали, корупции, лаги, урнисан идентитет, национално понижување со името и уставот, со зголемени даноци и намалени пензии, со отровен воздух, со исчезнати 19 милиони евра за кои се бара непознат сторител, со вработувања на мајки, фризерки, синови и ќерки на државни функционери во јавни претпријатија СДСМ продожува да глуми „Шлепер што може да ја згази жабата“.
Реалноста е сепак поинаква. СДСМ да може три пати ќе вози напред назад за да го дотолчи ВМРО-ДПМНЕ.
Тие што ги следат работите знаат дека анкетите се стивнати затоа што ја побиваат реалноста на Заев и другите членови на неговата очајна дружина од која двајца веќе имаат сериозни лични проблеми а еден е под истрага.
Анкетите што се кријат само го зголемуваат стравот на тие што знаат дека ќе одговараат за сите прекршени закони, за сите нанесени неправди, за сите разочарани кои што ја напуштија земјава.
Времето на шегата „Да не сакате ВМРО да се врати“ што беше актуелна на социјалните мрежи на почетокот на мандатот на оваа влада полека но сигурно завршува.
А тие што не понижија по неколку основи, и лично и колективно како граѓани и нација, ќе одговараат. Нема каде да бегаат.