„Оваа година се навршуваат 150 години од раѓањето на најголемиот македонски син, легендарниот револуционер и народен предводник Гоце Делчев. Оваа сто и педесета годишнина треба да претставува повик за две иницијативи. Прво, одново да се осудат сите зла направени врз Македонците. Второ, да се стори сѐ – а тука клучна улога имаат историчарите – да не се заборават страдањата на Македонците во Егеј, Пирин и за време на фашистичката бугарска окупација во Втората светска војна.“ – вели Љупчо Коцарев, претседателот на Македонската академија на науки и уметности во својата колумна со наслов „Сеништето на македонизмот“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Коцарев пишува „Многу сили во Македонија направија сојуз за света војна против македонизмот. Тој сојуз е притаен, добро воден, меѓусебно оркестриран и синхронизиран, медиумски сестрано помогнат, за да се намалат неговата видливост и сила. Во Македонија се поттикнуваат бесмисленост, апсурд, неукост, алчност, апатија, а сите што барем малку ќе проговорат за македонизмот се етикетираат за националисти, предавници и лажговци. Што е тоа македонизам?“
„Македонизмот подразбира две работи. Прво, автохтоност на македонскиот народ и на неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, нагласувајќи дека македонскиот јазик, како и сите други јазици, не само словенските, има свој просторен и свој временски – милениумски континуитет. Второ, македонскиот национален супстрат го претставуваат Македонците што живеат во државата Македонија, но и оние во соседството (како државјани на соседните земји, вклучувајќи ги тука и Грција и Бугарија), како и низ целиот свет. Овие две клучни карактеристики за македонизмот се факти признаени од светската наука.“
„Вака разбран македонизмот подразбира дека сите документи, пишувања, говори, резолуции, прокламации, што не се конзистентни со двете основни премиси на македонизмот. Не се конзистентни со македонизмот ниту Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанската спогодба, туку овие два договора претставуваат извор на сите наши животни проблеми и значат разнебитување на Македонија. Оттука станува јасно за кого и зошто македонизмот е сениште, бауч.“
„Во однос на Македонија, сегашниот однос на дел од политичарите, па дури и на историчарите спрема македонизмот предизвика вознемиреност, затоа што таквиот однос ја исклучува иднината од минатото, ставајќи ја таквата иднина надвор од историскиот сензибилитет. Македонија денес се наоѓа во противречна и конфузна положба – за европска иднина за нас треба да замислиме иднина без нас.“
„Никако не можам да ја замислам Македонија без Македонците, па затоа посакувам Македонците да се обединат околу градењето достоинствена иднина, во која македонизмот ќе биде нашето битисување, а Гоце Делчев нашиот корифеј.“ – нагласува Љупчо Коцарев, претседателот на Македонската академија на науки и уметности во својата колумна, покрај другото.
Интернет-врска до целата колумна:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/senishteto-na-makedonizmot/