Ако руските напади продолжат, Киев го очекува вистинска апокалипса, предупреди градоначалникот Виталиј Кличко во интервју за Скај њуз.

„Киев остана без струја, вода и греење. Можно е да ни се случи апокалипса, токму како во холивудските филмови. Ќе биде невозможно да се живее на овие температури“, потенцира поранешниот светски шампион во бокс.

„Што да ви кажам? Сè уште се бориме и правиме сè за да спречиме такво сценарио“, додаде тој.

Најголемиот проблем е што Киев во моментов нема доволно затоплени засолништа.

„Подготвивме околу 500 затоплени засолништа, но во град со 3,6 милиони жители тоа не е ништо. За жал, ако продолжи да биде проблематично снабдувањето со електрична енергија, ќе бидеме принудени да ја испуштаме водата од зградите. На овие температури има можност цевките да пукнат и целосното снабдување би било загрозено од водата“, предупреди градоначалникот на Киев.

Кличко побара од граѓаните да ги подготват најосновните работи за евентуална евакуација.

„Подгответе храна, вода, документи и топла облека во случај да треба веднаш да го напуштите градот“, посочи тој, а одговори и на критиките од претседателот Владимир Зеленски дека Киев не е доволно подготвен за недостиг на електрична енергија и греење.

„Чудно. Имаме заеднички непријател и почнуваме да се расправаме меѓу себе. Мислам дека не е време за политички конфронтации“, заклучи Кличко.