Кличко: Киев би можел да остане без вода и струја

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека не може да исклучи дека главниот град на Украина би можел да остане без вода и струја како резултат на разорните удари на Русија врз енергетската инфраструктура.

„Правиме се за да не се случи тоа. Но, да бидеме искрени, нашите непријатели прават се за градот да остане без топлина, струја и вода и сите да умреме. Не исклучуваме таква можност и разгледуваме различни сценарија за да го издржиме ова и да бидеме подготвени“, рече Кличко.

Украина се бори со прекини на електрична енергија и прекин на снабдувањето со вода откако Русија почна да спроведува огромни ракетни и беспилотни напади врз енергетската инфраструктура на земјата минатиот месец.

Москва соопшти дека нападите се одговор на, како што тврди, украинските напади на Крим, регионот што Русија незаконски го анектираше во 2014 година. Украина ги отфрли тие наводи.

Кличко доддава дека Киев прави сè што може за да спречи вонредна состојба со енергија и вода, складирајќи резерви на храна и вода додека има електрични генератори подготвени за работа доколку е потребно.

„Подготвени сме за различни сценарија, нема да се откажеме“, изјави Кличко.

Во текот на изминатиот месец, руските ракети и беспилотни летала нанесоа штета на електрани, водоснабдувањето и други цивилни цели, во тешката војна која трае скоро девет месеци.

Според украинските власти, околу 40 отсто од енергетската инфраструктура на земјата е „сериозно оштетена“ од руското гранатирање, што предизвика прекин на електричната енергија во многу области на земјата.

Коментарите на Кличко доаѓаат во моментот кога Укренерго, единствениот оператор на високонапонските далноводи во Украина, информираше дека планирани прекини ќе има во главниот град и во поголемиот регион Киев, како и во неколку региони околу него Чернихив, Черкаси, Житомир, Суми, Полтава и Харкив.

Меѓутоа, подоцна во текот на денот, компанијата објави ажурирање во кое се вели дека планираните прекини за одреден број часови не се доволни и наместо тоа ќе има итни прекини, кои би можеле да траат неодредено време.

Во меѓувреме руските и украинските сили разменија силен артилериски оган на повеќе локации, соопштија официјални лица од двете земји, додека официјални лица назначени од Русија продолжија да ги евакуираат луѓето од западниот брег на реката Днепар поради зголемената украинска контраофанзива.

Генералштабот на Украина објави дека неговите војници ги спречиле руските напади еден ден претходно во источните региони Луганск и Доњецк. Војската, исто така, тврди дека украинската противвоздушна одбрана соборила повеќе руски и ирански беспилотни летала и две крстосувачки ракети Калибр. Ова тврдење не можеше веднаш да се потврди.

Шефот на регионот Виница, Сергеј Борзов, изјави дека централниот регион бил погоден од руски камикази беспилотни летала во текот на ноќта. Во последниве недели, руските трупи активно користеа ирански беспилотни летала за напад на критични цивилни и инфраструктурни цели.