Клетви и пцости за Стевче Јакимовски: Не предаде за 4 згради со вкупно 32 спрата

Градоначалникот на општина Карпош Стевче Јакимовски предизвика огромен револт и незадоволство од своите граѓани по објавата на неговото план во еден од најмирните делови од Карпош да се уништи зеленило, фонтана и игралиште за да никнат згради.

Револтираните жители јавуваат дека се гневни затоа што задутре на 5 јули, Јакимовски на седница на Советот на Општина Карпош ќе направи напор да го смени деталниот урбанистички план Ј03 блок 02, и да се се обиде детското игралиште, фонтаната и огромното зеленило покрај булеварот „Теодосиј Гологанов“ да ги претвори во згради.

Во писмо петиција потпишано од голем број жители на Карпош се најавува протест против „криминална промена на урбанистички план во Општина Карпош од страна на сегашниот градоначалник Стевче Јакимовски“.

Дел од граѓаните коментирајќи ја ситуацијата во гневот употребуваат и клетви и пцости упатени кон градоначалникот и неговите блиски луѓе.

,,Го гласавме затоа што ни вети дека ќе се грижи за зеленилото каде што играт децата и одмараат пензионерите а сега поважни му се квадратите и маркиците. Но господ гледа, вели разочарана жителка која овде живее над 5 децении.

Според најавите од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица за планот на Јакимовски засега има најава да гласаат само советниците на ГРОМ и СДСМ.

Писмото го пренесуваме во целост:

„Овој план содржи сервисна улица пред зградите од булеварот ‘Митрополит Теодосиј Гологанов’, од број 149 до фабриката ‘Реплек’. Тоа е зелениот појас кој почнува од спротива на старата болница ‘Систина’ до ‘Реплек’, преку улица на студенскиот дом ‘Гоце Делчев’. Тука има игралиште за деца и фонтана и шеталиште за жители од 17 згради.

А зад зградите на булеварот ‘Митрополит Теодосиј Гологанов’, т.е. на улицата ‘Јуриј Гагарин’ каде што има паркинг за зградите и куќите, во план е да се прави сервисна улица до ‘Реплек’.

Ова се прави со цел да се добие сообраќаен пристап за градежна парцела на која се наоѓа маркица за градење на 4 згради. Една зграда е со 11 ката и поткровје, една со 7 ката и поткровје и две згради со 6 ката и поткровје.

Се уништува зеленило со километри и се заменуваат паркинг места за 17 згради и 50 куќи со сервисна улица.

Прашања до градоначалникот Стевче Јакимовски и до советниците кои ќе гласаат за овој предлог – Дали за ова ве избравме? Дали го заслужуваме ова? Дали вреди за 3 згради и профит за два-тројца да се уништува животот на 3.000 жители од ‘вашата’ oпштина?

Утре ќе се поднесат потписи од огромна група на незадоволни граѓани за бришење на оваа точка од дневен ред, а воедно најавуваме и присуство на истите тие незадоволни граѓани на седницата на Општина Карпош в среда вo 10 часот во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент-Скопје“.

Од група на многу незадоволни граѓани на Општина Карпош