Клековски: „Владата дрско и безобразно објавува антикризни мерки со пренадуени вредности – таа и најмногу ги крши законите“

„Владата ја има најголемата моќ, а со тоа и најголемата одговорност! Затоа треба да престане со игри на обвинувања и да отвори политички дијалог не само со опозицијата туку и со приватниот сектор за ефективни антикризни мерки!“ – вели Сашо Клековски, аналитичар и член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, во својата колумна со наслов „Сите: Бараме мерки! – Владата: (Цацко) е крив!“, објавена во весникот „Нова Македонија“, во која тој изнесува лични ставови.

Клековски пишува: „Две години по ковид-пакетот на економски мерки, Владата по голем притисок од јавноста го обелодени пакетот за мерки за справување со растечката економска криза предизвикана од војната во Украина. Според изјавите на Владата, мерките се во вредност од 400 милиони евра. Тоа би било значајна економска помош по 1,2 милијарда евра од ковид-мерките. Би била значајна, ако е вистинита! Мерките за ковид и војната во Украина се вистина колку што се вистина 1.000 километри патишта изградени и реконструирани во мандатот на оваа Влада.“

„Во земја каде што пругата за Бугарија не паметам колку години веќе се гради, каде што автопатот Кичево – Охрид се гради осум години и е далеку од завршување, каде што 2 км од автопатот кон Приштина ветени пред три години никаде ги нема, не е дрско, туку крајно безобразно да се даваат изјави за ‘1.000 километри’. Така е и со ковид и сегашните мерки. Владата упорно тврди дека ковид-мерките се 1,2 милијарда евра, но тоа не е точно, бидејќи вклучуваа и мерки како тригодишен проект за комасација на земјоделско земјиште, што нема врска со ковид.“

„Според познавачи на состојбите, ковид-мерките во фискални рамки не биле повеќе од 400 милиони евра за 2020 и 2021 година. Сегашните мерки, бомбастично најавени за 400 милиони евра, најверојатно нема да надминат 120 милиони евра. Значи, стандард на оваа Влада е да ги надувува своите мерки за три-четири пати. Така, најверојатно оние ‘1.000 километри’ се 200-300 километри, повеќето селски и градски улици.“

„Не е така само со овие мерки, туку речиси со сите мерки што ги презема оваа Влада. Од оваа година се воведе недела како неработен ден, наместо претходното решение за еден неработен ден во седмицата. Прес-конференции, најави, сликања… и неколку недели по воведувањето први анализи. Што мислите, кој е најголем прекршител на законот? Продавниците? Не, сите редовно ги затворија продавниците, сметајќи дека прометот ќе остане ист, а ќе се намали потребата од работници за 15 проценти и ќе се зголеми мотивацијата на преостанатите вработени.“

„Најголем прекршител е Владата, според Сојузот на синдикати: од 12.000 пристигнати пријави, најголем дел се од јавниот сектор. Од овој месец се утврди минимална плата од 18.000 денари. Кој мислите ќе биде најголем прекршител на законот? Текстилната индустрија? Можеби ќе биде втора, но повторно зад Владата. Да, Владата е најголемиот прекршител на законот и има убедливо најголем дел од судските постапки за трудово право. Сте слушнале не за 300 инспектори во еден ден во една институција, туку за еден трудов инспектор некогаш да изврши контрола во државна институција?“ – нагласува Сашо Клековски во својата колумна, покрај другото.

Интернет-врска до целата колумна:

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/site-barame-merki-vladata-cacko-e-kriv/