Клековски: Спасовски да поднесе оставка, поради ескалацијата на насилствата и убиствата – криминалот и власта се испреплетени

„Кога сме кај анализи за ‘безбеден град’ и намалување на криминалот, дали може МВР да објави колку има запленето не марихуана, туку хероин и кокаин во периодот 2018 – 2022 година и да направи споредба со претходните пет години? Се случуваат инциденти со убиени и ранети во центарот на Скопје, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се фали дека општиот криминал е намален дури за 30 проценти.“ – вели Сашо Клековски, аналитичар и член на Извршниот Комитет на ВМРО ДПМНЕ, во својата колумна со наслов „Безбеден град“, која ја објави весникот „Нова Македонија“. Во неа тој изнесува лични ставови.

Покрај другото, Клековски пишува: „Безбеден град“ се нарекува системот за видеонадзор на сообраќајниците, инсталиран уште во времето на Владата на Никола Груевски, а сега според наводите на полицијата ќе биде употребен во истрагата на двојното убиство во „Шиша бар“, што се случи деновиве. Ако следам добро, од 2018 година има пет ликвидации со седум убиени лица и уште неколку обиди за ликвидации. Претходно се случиле тројното убиство во „Чаирчанка“, ми се чини 2008 година, и две ликвидации во скопската населба Ченто во 2009 и 2013 година.

Оливер Спасовски треба да поднесе оставка поради тоа што ескалацијата на криминалното насилство е поради тесната испреплетеност на криминалот и власта. Уште пред доаѓањето на власт, Зоран Заев, тогашен лидер на СДСМ, започна умилкување кон криминалот и мафијата со јавно најавување за преиспитување, поништување судски процеси или амнестија, со што многу криминалци би се нашле на слобода. Бајраш Сејдиу од Куманово, осуден во два процеса што завршија во 2011 година на 12 и пет години или збирно 15 години, беше ослободен со условен отпуст во 2018 година, пред референдумот за Преспанскиот договор. Таа спрега со криминалот продолжи и натаму. Еден од аспектите на таа испреплетеност се пасошките афери како таа со Онишченко, но ннајголем е скандалот „Мафија“, што го разоткри ВМРО-ДПМНЕ во 2021 година.

Откако беа разоткриени, Министерството за внатрешни работи веднаш објави дека се спроведува меѓународната акција „Двојник“ за злоупотреба на службената положба во издавање оригинални македонски пасоши со украден идентитет на странски криминалци. Од средината на јуни 2017 година до јануари 2021 година, организирана група од Министерството за внатрешни работи им издала 215 такви пасоши на сериозни криминалци.

Оливер Спасовски нема да поднесе оставка, како што никој не поднел оставка досега и кога гинеле невини граѓани, а не наводни криминалци – наркобосови. Оливер Спасовски нема да поднесе оставка и затоа што не само тој туку и неговите претпоставени во власта се дел од таа испреплетеност. Политичкиот врв на земјава се фотографирал со членови на криминални банди.