Клековски: „НЕ за францускиот предлог, оти ќе нема ЕУ-преговори и да се прифати! Владата да не не турка во конфликт“

„НЕ за францускиот предлог за решение на ветото на Бугарија, затоа што тоа не е решение за ќорсокакот за македонската интеграција во ЕУ и безизлезноста, во која се наоѓаат бугарско-македонските односи. Таа безизлезност ќе постои и ако Бугарија се откаже од ветото за започнување на ЕУ-преговорите со Македонија. Расправата за бугарско-македонските односи се сведува на расправа за ‘ужасен крај’ или ‘ужас без крај’.“ – вели аналитичарот Сашо Клековски во својата колумна со наслов „НЕ!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“. Авторот на колумната е член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ. Во неа изнесува лични ставови.

Покрај другото, Клековски пишува: „Македонскиот јазик, кој со Преспа беше гарантиран, повторно е на ветрометина. ЕУ ќе го преведе правото на македонски јазик, но ќе ги земе предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Македонија (Општ став, воведна изјава, членот 3). Македонскиот јазик не станува службен, тоа ќе се случи кога ќе станеме членка. Од друга страна, формулацијата „ЕУ ги зема предвид“ остава ризик за повторно отворање на прашањето.“

„Македонскиот идентитет ќе биде напаѓан. Заради мерките, што ќе ги презема Бугарија против ‘говорот на омраза’, ќе се брише бугарскиот фашистички окупатор од спомениците и образованието и ќе се менуваат учебниците за историја. Така ќе се создаде основа за напаѓање врз македонскиот идентитет. Поради нападите, преговорите ќе завршат пред да почнат. И сето ова за уште еднаш да добиеме датум за преговори, без преговори.“

„Уставните промени се широко дефинирани, а не само како промена на преамбулата, и се услов за суштинско започнување на преговорите. Менувањето на Уставот пред отворањето на преговорите ја прави Македонија екстремно ранлива за натамошни блокади и уцени и го зголемува ризикот по македонскиот јазик и македонскиот идентитет.“

„Во 1992 година да ја прифатевме Лисабонската декларација на ЕУ во името да го нема зборот „Македонија“, досега ќе бевме членка на ЕУ. Да, моравме да го промениме името, но го има зборот Македонија. Дали вредеше децении чекање? Да! Без Македонија, Македонци и македонски јазик нема потреба да постои оваа држава. Тука да потсетам на манипулацијата дека, еве, Мишел зборувал за Македонци и македонски јазик. Та и Бугарија сега признава дека има Македонци и македонски јазик, само нели пред 1944 година сме биле Бугари со бугарски дијалект. Затоа расправата за бугарско-македонските односи се сведува на расправа за ‘ужасен крај’ или ‘ужас без крај’.“

„Без промена на антимакедонските ставови на делови од бугарската политика, сосема е сеедно дали ќе остане бугарското вето сега, или ќе влеземе во сценарио на бескрајни уцени. Дека нема да има ‘нелегитимни барања’, никој не е подготвен да гарантира. И да го прифати Владата предлогот, тој нема да води кон отворање на ЕУ-преговорите. Затоа сум за НЕ за францускиот предлог.“

„Како посветен евроатлантист, кој е планот Б? Да се стремиме кон подобар договор. Каков би бил тој? На пример, откажување на Бугарија од едностраните декларации за македонскиот јазик, а Македонија да поведе иницијатива за промена на Уставот, кој ќе се промени кога Македонија ќе стане членка на ЕУ. Акциски план за малцинства може да се донесе и без негово вклучување во преговарачка рамка. Комисијата за историја не смее да биде под притисок, вклучувајќи и рокови. Порака до Владата: Не туркајте нѐ во конфликт!“