„Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ дека е подготвена да прифати промена на преамбулата на Уставот на Македонија, според т.н. хрватски модел, направи драматичен пресврт, во кој се дигна ‘ЕУ-фронт’ на власта против една ЕУ-преамбула. Судирот околу погледите на преамбулата на Уставот е судир околу тоа дали Македонија е национална држава на Македонците, дали Албанците се рамноправни во Македонија, дали и колку Македонија е унитарна држава.“ – вели аналитичарот Сашо Клековски, кој е и член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ во својата колумна со наслов „ЕУ-фронт“ против ЕУ-преамбула. Колумната Ј објави весникот „Нова Македонија“ и тој изнесува во неа лични ставови.

Покрај другото, Клековски пишува: Тој судир околу погледите не е сегашен, туку е историски, од пред независноста на Македонија. Според АСНОМ и уставите од 1946 и 1963 година Македонија е дефинирана како национална држава на македонскиот народ и се гарантираат еднаквоста и рамноправноста на националните малцинства, без да се дефинира кои се тие малцинства. Во трите документи од АСНОМ кон Уставот од 1963 година бледнее реториката на националната борба на македонскиот народ, а се засилува социјалистичката реторика. Во 1991 година преамбулата повторно бара рамнотежа меѓу национална држава на македонскиот народ и рамноправност на малцинствата. Тоа се гледа во повикувањето на „историскиот факт“ за националниот карактер на државата.

По Уставот од 1991 година, нема нови устави, но најдраматичната расправа за преамбулата на Уставот беше предизвикана од Охридскиот рамковен договор. Многумина од противниците на хрватскиот модел истакнуваа дека тој е во спротивност на Охридскиот рамковен договор. Но, преамбулата утврдена со тој договор не е преамбулата утврдена со амандманите IV од 2001 година, а истата таа пак е изменета со амандманот XXXIV од 2019 година. Да, преамбулата во Охридскиот рамковен договор е различна од преамбулата во Уставот. Во Охридскиот рамковен договор договорената преамбула е „граѓаните на Република Македонија“, без набројување на македонскиот народ и малцинствата. Ваквата формулација предизвика жестоки реакции.

Промена на преамбулата без да се донесе нов устав е за првпат во историјата на конституционализмот. Главното оспорување во јавноста и во стручната јавност е поради исклучувањето на македонскиот народ. Расправата продолжува во Собранието, поради што на трипати е менуван текстот на амандманот IV, иако претходно утврден со ОРД. На крајот донесениот текст е „граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните што живеат во нејзините граници што се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“. Амандманот IV е донесен во Собранието на Македонија со согласност на сите партии потписнички на договорот.

Има тврдења дека во новата преамбула не само Македонците туку и Албанците и другите етнички заедници се „конститутивни елементи на државата“, дека Албанците во Македонија имаат право на самоопределување, со оглед на нивното спомнување како „народ“ во преамбулата. Ова последното е во спротивност со Уставот, која ја дефинира Македонија како унитарна држава. Преамбулата, односно амандманот IV e менуван уште еднаш со амандманот XXXIV од 2019 година, каде што се брише „како и граѓаните што живеат во нејзините граници“ и сега гласи „граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“.

Претпоставувам дека бришењето е да се поправи мислрењето на Албанците дека се од втор ред. Тоа веројатно засега ја затвора дебатата за „национална држава на македонскиот народ и рамноправност на малцинствата“, што се однесува на Албанците. Но ја отвора новата дебата за „Бугарите во Уставот“.

(продолжува)