Клековски: Бегството на Груевски меѓу “се договориле” и “неспособност”

И додека постои поделеност во реакциите за бегството на Никола Груевски, реакциите во однос на Владата и во случај на „се договориле“ и „неспособни се“ се негативни, пишува аналитичарот Сашо Клековски во текст за Нова Македонија.

“Дека „се договориле“ се појавија медиумски шпекулации уште во летото дека во замена за гласање на уставните амандмани, власта ќе му допушти бегство на Груевски. Во прилог на тоа говори и тоа што Груевски како обвинет во повеќе случаи најверојатно е следен, а секако како поранешен премиер има повеќебројно полициско обезбедување. Евентуалното одобрување политички азил во Унгарија ќе говори во прилог на меѓународен договор во рамките на „амнестија за име“. Но и доколку не е точна хипотезата „се договориле“, останува хипотезата „неспособни се“. Точно е дека и Санадер пребегна, но во неговиот случај стануваше збор за почеток, а не крај на судските постапки. Во случајот на Груевски, како и претходните бегства во Грција на лица барани од СЈО, доколку не е договор, укажува на неспособност на МВР, но и целата власт.

Доколку е „се договориле“ во рамките на „амнестија за име“, но и доколку е „неспособни се“, станува јасно дека власта не сака или не е способна да обезбеди правда и да ја прекине неказнивоста, со што ја поткопува поддршката меѓу своите симпатизери и меѓу граѓаните. Таборот „Шутка не ти гине, Никола“ е целосно разочаран и од двете опции. Како ќе се справи власта со тоа, во пресрет на разговорите за амнестија за 27 април и донесување на уставните амандмани, останува да се види”, пишува Клековски во колумната.

Линк до целата колумна