Писмо до Македонците:

Сите ме имаат и пак сум цело
и божествено, само вие
ме шутнавте за ништо, неверни
па ред е да ви кажам:

Да бев на ваше место
ќе го чекав секој изгрев на Сонцето
како да е неповторлив.
Да бев на ваше место
ќе ѝ се поклонував на секоја педа
на вашата земја од убавини стаписана :

И на оној лав препуштен на заборавот
И на оној рис здивен од талкање
И на оној кристално чист лорандит
црвен како името на Кокино

И на оној Адам од Говрлево
обезглавен, а сепак совршен
И на онаа Мајка Голема од Маџари
неразделна од огништето

И на оние златни маски и ракавици
глетани крај Охридското езеро
И на онаа Венера Срамежлива
која блика од сјајот на вашиот мермер

И на оние страсни вајари, резбари, сликари
на оние ѕидари кои го намамиле звукот
за да ја доловат акустиката на светоста

Па и на оној ваш јазик древен –
она засолниште на душата
оној жиг на тајното предание

Да бев на ваше место, дејгиди, да бев
никогаш немаше, никогаш немаше да се случи она чудо лудо
да бев на ваше место!