„Блаже Конески со своето дело ја пренесува пораката дека јазикот има стратегиски интерес за опстанокот на еден народ, за востановување една нација и една држава. Тој смета дека македонскиот јазик е македонски национален интерес, а не национален интерес на соседите. Затоа, должност на македонскиот народ, но и на македонските државни институции е да им се спротивстават на пропагандите, што ги негираат постоењето и идентитетот на македонскиот јазик и му ја одземаат стекнатата функција на главен и единствен државен јазик.“ – нагласи академик Катица Ќулафкова во својата реч на Свечениот собир во МАНУ по повод 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. Нејзината беседа ја пренесува весникот „Нова Македонија“ под наслов Суверен и неотуѓив дел на македонскиот национален интерес“.
Покрај другото, Ќулафкова и предупредува: „Денес не е доволно само свечено да го чествуваме делото на Блаже Конески. Неопходно е да ги почитуваме неговите научни придобивки за континуитетот на македонскиот јазик, културна и национална историја. Тие треба да бидат суверен и неотуѓив составен дел на македонскиот национален интерес. А националниот интерес е државен интерес. Ако се отстапи од јазичното, културното и историското наследство на македонскиот народ, тогаш ќе се отстапи од сувереноста на македонската држава, ќе се поткопаат нејзините темели, а последиците можат да бидат трагични и неповратни.“
„Затоа, да чествуваме, но и да го одбраниме нашето цивилизациско и национално право на историско јазично, културно, црковно уметничко и научно наследство. Кој го цени Конески, треба да ги цени придобивките од неговото огромно дело, кое заокружува една самосвесна вековна културна, јазична и национална нишка. Нема друг избор.“
Интернет – врска до целата статија: