Европратеникот и известувач на Европскиот парламент за земјава, Илхан Ќучук, синоќа во гостување во емисијата „Клик Плус” на ТВ21 изјави дека не треба да се очекува Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ во јуни, со оглед на случувањата во Бугарија и немањето политичка влада.

Тој рече дека ќе биде потребно време да се реши проблемот меѓу Македонија и Бугарија и дека ќе треба „подобро да се запознаеме”.

„Договорот од Преспа генерално кажува дека Република с. Македонија нема никаква поврзаност со античка Грција и тука разговорот завршува, се поставува точка, но со Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година се поставува запирка, изјави известувачот на ЕП за Македониа.

„Договорот од 2017 година поставувајќи ја темата за заедничка историја кажува и уште нешто дека тоа прашање не може да биде решено во рок од неколку години, тоа е значајната разлика со Договорот од Преспа, истакна Ќучук.

Спроед него, ова прашање ќе биде решавано во текот на времето и во следните неколку години нема да биде побаран едноставен одговор на „многу сложени прашања акумулирани во текот на годините”.

Ќе бидат потребни напори, ќе треба да се запознаеме повеќе. Евидентно е дека за исти историски настани имаме различно толкување, имаме различно објаснување, различно гледање, едно во Бугарија друго во Македонија, изјави Ќучук.