Со вчерашното парафирање на спогодбата за соработка на граничните полиции, позната како Фронтекс 2, помеѓу Европската комисија и Македонија  „тимовите на Фронтекс со извршни овластувања ќе можат да вршат гранични контроли на граничните премини заедно со националните сили, ова ќе донесе значајна додадена вредност“, вели еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос.

Европската Комисија го поздрави продлабочувањето на соработката со земјите од Западниот Балкан, сличен договор се потпишува со Албанија, а се преговара и со Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, каде се појавуваат нови бегалски рути.

„Сето ова е потребно за да се справиме со миграциските предизвици истовремено зачувувајќи го слободното движење“, истакна Аврамопулос.

Еврокомесарот Аврамопулос, потврди уште еднаш дека Европската Комисија не бара и не планира никакви бегалски кампови на територијата на Македонија.

Министерот Оливер Спасовски, запрашан да ги појасни наводите на опозицијата околу изградбата на прифатен центар за странци и дали тој ќе биде бегалски камп, одговори дека станува збор за преселување на стариот центар за странци каде условите се несоодветни.

„Станува збор за нов објект и преселување на центарот за странци кој се наоѓа во Гази Баба, центар за странци кој има многу мала површина и кој се наоѓа во многу лоши услови во кои што престојуваат странците коишто се баратели на азил“, рече Спасовски.

Тој порача дека и извештаите на ЕУ и Народниот правобранител ги посочиле несоодветните услови во тој центар, и поради партнерскиот однос со ЕУ, и со европски фондови, се гради нов центар за странци.

Објектот ќе биде сместен на површина од 70.000 квадратни метри, рече министерот, но тоа не значи дека и објектот ќе биде 70.000 квадратни метри.

„Истиот центар, којшто се наоѓа сега во урбаната населба помеѓу куќи, згради, ќе го преместиме некаде на ново место надвор од градот каде што ќе има пристојни услови“, рече Спасовски.

Спасовски додаде дека „само 70 бегалци побарале азил во Македонија“.

За разлика од минатата година, рече министерот, има зголемен број на оние коишто се обидуваат да ја преминат границата, меѓутоа добро сме поставени, заштитени и досега имаме вратено, односно откриено 4.700 мигранти кои се обиделе нелегално да ја поминат границата.