Каква цена ќе определи ЕСМ без субвенциите од владата ќе се види на тендерот за снабдување на новиот универзален снабдувач со струја на домаќинствата која ќе важи за периодот од 1 јули до 31 декември годинава. Владата наместо да ги крати субвенциите за струја и да ги плаши граѓаните со високи сметки за струја, треба да ги засука ракавите и да почне да гради енергетски капацитети со сопствени сили, за да не се доведеме во ситуација како држава да не знаеме каква цена на струјата ќе имаме во иднина, велат за ПлусИнфо поранешни раководители во ЕСМ и енергетичари по најавата дека владата планира од 1 јули да ги укине субвенциите за струјата што двојно ќе ја зголеми цената на струјата.
Владата не појасни зошто од 1 јули ќе запре субвенционирањето на цената на струјата и каква цена ќе му испорача на ЕСМ за претстојниот тендер на универзалниот снабдувач за набавката на струја од јули до декември. Граѓаните се вознемирени од целата ситуација и нејаснотиите во однос на високите сметки кои почнаа да им стасуваат. Тие, како што велат, не можат на крај да излезат да ги платат сегашните сметки за струја кои се многу повисоки од претходно, уште помалку да плаќаат драстично повисоки сметки, ако треба да ги плаќаат оние 84% од цената на ЕСМ кои сега ги субвенционира владата од државниот буџет.
Кој ќе го плати недостигот од 84% пари во ЕСМ? Граѓаните не се сигурни и дали сегашните повисоки сметки за струја се резултат на новите цени или на тоа што владата и сега го намалила износот на субвенции од 91,5 на 84% како што вчера изјави вицепремиерот Фармир Битиќи.
Пред два дена, вицепремиерот Битиќи изјави дека цената на електричната енергија на регулираниот пазар во овој момент е субвенционирана со 84% и субвенционирањето ќе продолжи до носењето на следната одлука за цената при крај на јуни годинава. Тој рече дека она што се прикажува како субвенција во сметките за струја е грешно и дека ЕВН во наредните сметки треба да го коригира.
– ЕВН Хоум би требало да ја смени табелата на сметката која служи за илустрација. Ако не знаат тоа да го направат ќе им го направам јас. Треба да се смени процентот за да им се укаже на граѓаните колку е реалната субвенционирана електрична енергија. Тоа што беше 91 сега е 84% затоа што производната цена од ЕСМ е намалена од претходно затоа што не е само таа цената која влегува во параметрите за крајната цена што ја плаќаат потрошувачите – посочи Битиќи.
Меѓутоа ниту тој вчера, ниту од владата и од ЕСМ денеска не кажаа кои се причините за запирањето на субвенционирањето на ЕСМ и каква цена на струјата очекуваат од 1 јули за граѓаните.
Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика на последната прес-конференција не ја коментираше многу најавата на владата дека ќе ги запре субвенциите за цената на струјата на ЕСМ, бидејќи Регулаторната комисија за енергетика не ја утврдува цената на струјата на ЕСМ, туку тоа го прави владата, но рече дека е добро што е стабилизирана цената на струјата на берзите, најавувајќи дека нема да има големо поместување на цената на струјата годинава.
– Радува фактот што цената на струјата на регионалната берза последниве месеци е стабилизирана. Фјучерсите на струјата се со цена од 70 до 80 евра за мегаватчас. ЕСМ сега ја продава струјата на универзалниот снабдувач за 58 евра мегаватчас – рече тој.
Во јули граѓаните ги очекуваат повеќе новини со сметките за струја. Најпрво ќе треба да се избере нов Универзален снабдувач. Тендерот заврши, па сега во тек е јавно наддавање помеѓу компаниите кои се пријавија. Битиќи најави дека во наредните неколку дена ќе се знае кој понудил најниска маржа, ЕВН, ЕСМ или ЕДС. Сите понудија идентична околу 11%, а тендерот ќе го добие оној кој ќе понуди најниска маржа и ќе ги исполни и останатите услови.