Бурни реакции во јавноста, а особено меѓу охриѓани, предизвика најавата за 45 дневно делумно затворање на влезот на Охрид од Подмоље во правец на градот, пред стартот на главната туристичка сезона, поради извршување градежни работи на автопатот во изградба.
Градоначалникот Кирил Пецаков побара веднаш да се промени одлуката за пренасочување на сообраќајот на стариот пат Охрид – Струга, а градежните активности да се одложат до завршување на туристичката сезона.
На негова иницијатива, во понеделник ќе се одржи состанок на кој се поканети сите пратеници од Охрид во македонското собрание, СВР Охрид, ХОТАМ, туристички работници, угостителски еснаф и претставници на службите од Локалната самоуправа, информира прес службата на локалната самоуправа.
Бурно реагираа туристичките работници според кои најавеното затворање на магистралата од Охрид до Подмоље во рок од 45 дена ќе предизвика сериозни последици.
Системски пред секоја сезона Охрид добива опструкции во реализирање на туристичката сезона од одредени не промислени потези на одредени институции веќе 20 години, колку што сум во овој еснаф, вели туристичкиот работник Олег Маленко.
Автобусите со туристи од аеродром до Охрид вчера патуваа два и пол часа! Авионскиот лет од Амстердам до Охрид трае два часа и триесет минути! Авионите од Катовице и Варшава пристигаат за два часа! Автобусите од Аеродром Охрид до Хотелите за 14-15 км пристигаат за два и пол часа! Што е ова ако не опструкција и намерно уништување на туризмот!? – прашува Маленко како што пренесе Охридњуз.
Тој укажува дека автопатот се гради од 2014 година, а некој дури сега во 2023 во период кога Секторот туризам треба да ја одработи сезоната во Охрид го затвора патот сред сезона.
„Ова е за да влезе во учебници како не треба да се гради автопат“, напиша Маленко на социјалните мрежи.
За Министерството за транспорт нејасни се реакциите за стопирање на градежните работи на автопатстката делница од Подмоље кон Охрид.
„…Автопатската делница од Кичево до Охрид се гради со потребната динамика и нема да дозволиме ничија опструкција да ја блокира реализацијата на овој проект“, велат од Министерството.
