Ќе има ли топли радијатори во Скопје од задутре? ЕСМ има гас за потребите на скопските топлани заклучно со утрешниот ден. И покрај тоа што државните електрани не информираат за нова склучена набавка, сепак, уверуваат дека гас за декември ќе има и Скопјани непречено ќе добивале парно греење.

Инаку, од стартот на грејната сезона, ЕСМ реши во три наврати да направи краткорочни купувања на гас во времетраење од само две недели. Раководството на компанијата упорно уверуваше дека ваквиот начин на набавка е најисплатлив, поради тоа што цената на гасот беше висока, но со изгледи за нејзино идно намалување. Се бараа и евтини понуди за цела грејна сезона, но без успех. Во обид да заштеди, ЕСМ се обиде да работи на алтернативно гориво – дизел. Поднесе барање, кое не беше прифатено од Министерството за животна средина.

Министерот Нуредини напомена дека нема да дозволи скопските топлани да работат на мазут или дизел, енергенси кои премногу ја загадуваат околината и здравјето на луѓето во услови кога гас има доволно и може да се набави на пазарот, а топланите не поседуваат филтри.

Исто така, ЕСМ ќе купува струја за периодот од први до 4-ти декември. Државните електрани бараат компании кои ќе достават понуди за бараната енергија од 23.240 мегаватчасови. Директорот Ковачевски пред неколку дена напомена дека за увоз на електрична енергија од странство следниот месец ќе се потрошат 25 милиони евра.

Од ЕСМ сè уште нема одговор за колку ќе треба да се зголеми домашното производство во декември за да се опслужат со евтина струја сите прехранбени компании, училишта и водостопанства кои од слободниот пазар се префрлаат на ЕСМ Продажба. Струја ќе се увезува и покрај тоа што е предвидено конечно, со задоцнување од два месеци, да проработат сите предвидени капацитети: трите блока во РЕК Битола, РЕК Осломеј, како и ТЕЦ Неготино. Од ЕСМ упорно уверуваат дека и покрај увозот на струја, струјата немала да поскапи по Нова Година.