“Ќе не апсат ли за тероризам”?: Член на ДИК бара Заев да запре со закани за членовите

Во најавата дека СДСМ оди на избори на 5 јули лидерот на партијата упати јасна порака до шефот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски и членовите на ДИК кои предходно со консензус донесоа одлука дека за регуларни избори и спроведување на сите изборни процедури се потребни најмалку 35 дена.

Пораката упатена до ДИК за многумина ги врати сликите од злоупотребата на СЈО од страна на политиката при менување на Уставот.

Дел од членовите на комисијата оваа порака од Заев ја доживуваат како закана дека ако не направат како што бараат Заев и СДСМ може да бидат под кривичен прогон под политички притисок.

“Сите законски и уставни услови за одржување на изборите се исполнети. ДИК како извршно тело има обврска да ги спроведе изборите кои по закон и устав се на 5 јули. За непостапување по законите следува одговорност”, напиша Заев во својата порака со која најави избори без опозиција.

“Со Заев се согласувам само со тоа дека законот и уставот се јасни. Нека не прави притисок на ДИК со кривичен прогон затоа што никој веќе не му се плаши. Ние јасно ставивме до знаење што е согласно закон а што е политичка желба. Со оглед на предходните ситуации не исклучувам да не обвинат и за тероризам ако не ги оствариме барањата на Заев”, на шега вели член на ДИК кој инсистира на анонимност а кој порачува дека и за Заев и тие што го следат следува одговорност ако не ги почитуваат законите и заклучоците на ДИК.

Пред десетина дена сите членови на ДИК од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ застанаа зад заклучок спор кој изборите можат да се случат најрано 35 а најдоцна 55 дена од денот на продолжување на изборните дејствија.